Светската ракометна федерација (ИХФ) веројатно се раководи според правилото на Пјер Де Кубертен, па подолго време си дозволува луксуз на Светските првенства да играат репрезентации што во нормални околности само би сонувале да настапат на Мундијалите. Важно е да се учествува е мотото на олимписките игри на Кубертен, но ова е поинакво натпреварување, не е потребна масовност, туку квалитет, бидејќи станува збор за ракометен Мундијал.
Во тек е Светското првенство за жени во Србија, а таму играат селекции што ги познаваат само основните правила во ракометот, па се случуваат смешни резултати, високи победи и порази, прескромен биланс на голови. Вчера Парагвајките „се изнаиграа“ против Полска и за 60 минути постигнаа само 6 гола. Полските репрезентативки имаа екстра лесен тренинг па победија со 40-6. Дека ваквите натпревари не се исклучок потврдија и дуелите меѓу Црна Гора и ДР Конго, каде актуелните олимписки шампионки ја декласираа селекцијата од Африка со 35-9.
Доминиканска Република едвај стаса до двоцифрен број на голови, точно 10 против Франција, Алжирките постигнаа „дури“ 14 против Србија, што покажува дека нешто не е в ред. Одличен е трендот играта да се промовира на сите континенти, но сепак треба и квалитет за настап на Светските првенства. Вака излегува дека многу поквалитетни репрезентации не играат, а настап си имаат обезбедено селекции што не можат да постигнат ниту 10 гола за цел меч. Веројатно е време за бараж мечеви, како што тоа го прават останатите светски федерации.
Дека ќе биде правилно ако се воведат бараж дуели на селекции од различни континенти покажува и примерот на ФИФА со дополнителните дуели. Фудбалот рапидно напредува, нема веќе класични аутсајдери на Мундијалите, за разлика од ракометот, каде има доста селекции што наликуваат на туристички експедиции на Светските првенства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


