| четврток, 6 декември 2018 |

Венизелос: Кризата не ги погодува крупните национални прашања на Грција

venizelos_karateВеста за замрзнување на помошта од меѓународната тројка кредитори на Грција стигна во исто време додека грчкиот Парламент го усвојуваше рестриктивниот Буџет за 2014 година, со кој е предвидено намалување на државните трошоци од 3,1 милијарда евра. Владата на Самарас ја доби поддршката од мнозинството пратеници, а во својот говор грчкиот премиер истакна дека „буџетот на Грција за 2014 година ќе претставува вистинска револуција во економската сфера“.

Покрај економските, Грците во последно време ги мачат и крупните национални прашања како што е Кипар и името на Македонија. Новинарот од Реал Њуз го праша министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос дали финансиската криза во која се наоѓа земјата ги погодува и националните прашања. При тоа тој потсети на средбите на Венизелос со Хејг, па состаноците во Берлин и средбата на шефовите на дипломатии од НАТО.

Венизелос категорично одговори дека тоа не е точно.

– Еден меѓународен играч не сака и не се осмелува да ги поврзе економските барања за помошта на земјата со надворешната политика. Можеби затоа што сите добро знаат каква ќе биде нашата реакција – одговори тој.

Како и да е, Венизелос утре ќе се сретне и со министерот за европски прашања на Франција Тиери Репентин. Детали за можни теми на средбата се уште не се откриваат, но со оглед на грчкото негодување по последното соопштение на официјален Париз во кое изрази жалење за ќор сокакот во кој се наоѓаат преговорите за името, многу е извесно дека, неофицијално, и Македонија ќе биде на дневен ред.

Премиерот Груевски во последното интервју за „Фајненшл Тајмс“ изјави дека очекува големите сили да извршат притисок врз Грција да ги почитува одлуките на Меѓународниот суд на правда, кој пресуди дека таа згрешила кога го блокираше членството на Македонија во НАТО.  Грција оваа одлука воопшто не ја спомнува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top