| четврток, 6 декември 2018 |

„Шенгенот“ ја сруши статистиката, но не и бугарските желби

Податоците на евростат никако не одговараат со изјавите од софија за бројот на издадени пасоши на македонски граѓани. Токму тие двојни аршини ги обременуваат двојните државјанства и бугарските пасоши, а никогаш не се дискутира за другите двојни државјанства

Евростат: опаѓа бројот на бугарски пасоши за Македонци

Вадењето на бугарски пасош од македонски граѓани не е нова приказна. Злоупотребата на позицијата на членка на ЕУ, Софија и натаму ја спроведува во насока на докажување на теоијата за непостоење на македонска посебност. Така, нели на изненадување на сите освен на Бугарите, дури и Албанци и Косовари покрај Македонци и Молдавци станаа нови Бугари. Целта на Софија е еден сегмент од приказната. Вториот е вистината за интересот за бугарски пасош. Како Софија се наметнува со „отворената политика“, толку и македонските, но и граѓаните во регионот , видоа можност за добивка, вели Жидас Даскаловски.

-Заради лингвистичната блискост денешната политика на Софија во поглед на т.н.. бугарски пасоши не се разликува од таа во минатото. И тогаш и сега колку повеќе жители на Македонија се поврзуваат со Бугарија толку повеќе има аргументи за Софија и нивната експанзионистичка политика. Бидејќи прашањето за државноста на Македонија заради третирањето на земјата како исклучок од евроатлантските интеграции не е затворено можни се секакви сценарија за иднината и Софија се однесува опортуно со својата политика на давање државјанства на сите Македонци со „бугарско потекло“. Од друга страна и во 19 век и денес локалното население се однесува на ист опортун начин кон ова прашање. Имено Македонците денес во најголем број се одлучуваат за стекнување на бугарски пасош со одредена прагматична цел, право на работа во земјите на ЕУ, купување на автомобил или патување во ЕУ во минатото, бизнис, итн. Многу е мал бројот на оние кои имаат бугарски пасош и навистина се бугарско национално осознаени. Така што, намалувањето на бројот на бугарски државјанства е во корелација со визната либерализација и законските решенија за увоз на половни автомобили и најверојатно тука постои причинско последична врска- вели Даскаловски.

Според последните европски статистики, нови европски државјани во 2011 станале околу 780 илјади граѓани. Меѓу нив, преку бугарско државјанство, европски граѓани станале околу 600 нови Бугари. Од нив, процентуално, 44,4 проценти се од Македонија. По оваа статистика, политикологот Ивица Боцевски пресметува дека „Доколку Бугарија продолжи да дава пасоши на македонските државјани со ова темпо, тогаш сите Македонци ќе се здобијат со бугарски пасош во 2770 година“, па преку Фејсбук праша: Дали воопшто е потребно да се дебатира на оваа тема?“

Боцевски не препознава политички импликации или некакви идни компликации во врска со бројот на двојни македонски и бугарски државјанства, бидејќи смета дека Македонците што вадат бугарски пасоши не ја чувствуваат Бугарија како своја матична држава, односно дека не „сметаат дека Македонија е само некој провизориум што треба да ги доведе во прегратките на нивната национална држава Бугарија“.

„Веројатно вака изгледаат влажните сништа на Божидар Димитров и нему слични ликови, но за секој што барем малку ја познава Македонија оваа слика нема никаква врска со реалноста“, пишува тој во својата колумна во Нова Македонија, каде прашува досега никој не формирал Бугарска партија, доколку бројките и тезите на големобугарските идеолози е точна.

„Доколку Бугарија продолжи да дава пасоши на македонските државјани со ова темпо, тогаш сите Македонци ќе се здобијат со бугарски пасош во 2770 година“

„Доколку Бугарија продолжи да дава пасоши на македонските државјани со ова темпо, тогаш сите Македонци ќе се здобијат со бугарски пасош во 2770 година“   Ивица Боцевски

 

Статистики и математики за домашна и за надворешна употреба

На крајот на декември во 2011 година бугарското министерство за надворешни работи соопшти за вкупна бројка од 42.372 Македонци кои имаат Бугарски пасош. Таа бројка нараснала последниот месец од 35. 808 во ноември истата година.

Евростат се води според податоците од матичната евиденција на државите. Годините кога бројот на издадени бугарски државјанства на македонци опаѓа се поклопува со економските зафати- визната либерализација, регулацијата на увоз и користење на странски автомобили, а не се за занемарување и европските економските аспекти- намалувањето на потребни работници „со бугарски пасош“.

По се изгледа софиската статистика води двојни книги- еден за Евростат, а друг за лична употреба. Поинаку не би можело да се толкува изјава од декември 2009 година на тогашниот амбасадор во Република Македонија Михо Михов за Радио Слободна Европа дека „во последните пет години 9.834 македонски граѓани се здобиле со бугарско државјанство“. Евростат од 2005 до 2008 покажува над 12 илјади издадени државјанства. Доколку се анализира десеткување на Македонците кои земале бугарски пасош, со внимание треба да се прифати соопштението од владата во Софија од почетокот на 2013 дека минатата година 8.185 граѓани на Македонија добиле бугарско државјанство.

Секако, овие контрадикторности се недвојливи со големобугарската агенда од почетокот на 90-тите години на минатиот век, присутна преку научно-историски собири, како оној во Струга, или како скандалот на изложбата на УНЕСКО во Белград, или пак прикажувањето на Македонците од Голо Брдо Мала Преспа и Гора како бугарско малцинство. Кон таа агенда водат бројките за пасошите на Софија, кои Боцевски ги нарекува „влажни сништа“ на Божидар Димитров.

dokumenti bugarskiДимитров во времето кога беше министер изјавуваше дека од 2010 секоја недела се бараат по 450 нови бугарски државјанства во источниот дел на Република Македонија. „Јас не знам дали остана жител во Струмица кој што не е освен Македонски и Бугарски граѓанин“ како на шега го пренесуваат бугарските медиуми. Најавуваше и 30 илјади нови државјанства до крајот на 2010 година. Според Евростат таа бројка е 439 државјанства.

Интересни се дебатите кои ги поттикнуваат овие изјави на интернет форумите за бројот на Бугарите во Македонија, но и за наводното „освестување“. Се водат математики за 120 илјади Бугари во Македонија, што потоа се множи со 6 па се шпекулира за 720 илјади Бугари во Република Македонија.

Од друга страна, статистичкиот центар на интернет форумот на Бугарскиот културен клуб –Скопје, пресметува нешто помалку од 600 членови. Во петгодишното постоење, првите три години има над 580 зачленувања. Во 2013 нема ниеден нов член.

»ДАСКАЛОВСКИ: ИСТОРИСКО БРЕМЕ НА ПАСОШИТЕ

За жал кај нас дебатата за односите со Бугарија е најчесто обремена од предрасуди кон источниот сосед и со фрустрации за минатото на македоските дејци во 19 и почеток на 20 век. Ако Бугарија не може да се разбуди од сонот дека Македонците се посебна нација, кај нас најчесто изразито се негира односно се занемарува врската со Бугарија при процесот на создавање на ВМРО, македонската интелегенција и нација. Именувањето односно сврзувањето на Македонците со Бугарите во 19 и 20 век како дел од процесот на втемелување на модерната македонска нација не е аномалија или историска реткост и тоа треба похрабро да се прифати и да не се негира. Заради тоа бреме дискусијата околу двојните државјанства секогаш е проблематизирана кога тоа второ државјанство е бугарско, а скоро никогаш не се дискутира кога тоа е српско, хрватско, грчко, словенечко или американско.

Неделник Република, бр.66

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top