| четврток, 6 декември 2018 |

Канцеларијата на Баросо се извини за користењето ПЈРМ

goran-kol-02-baroso-copy

Канцеларијата за информации на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, денеска со допис до дописникот на МИА од Брисел се извини за користењето на кратенката ПЈРМ (FYROM) во синоќешниот писмен одговор за средбата на Баросо со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Брисел.

По синоќешната коресподенција по електронска пошта, портпаролката Пиа Аренкилде-Хансен преку својата помошничка Натасја Бохез Рубиано испрати краток одговор за средбата на претседателите во Виена употребувајќи ја за Македонија кретенката од меѓународната референца поранешна југословенска Република Македонија.

На реакцијата на дописникот на МИА дека усвоено правило во Европската унија и официјална употреба на сите институции во Брисел, ако веќе не можат да го користат нашето уставно име Република Македонија, е да ја употребуваат целата референца договорена во Обединетите нации, од канцеларијата на Баросо денеска со одговор:

„Вашата забелешка е нотирана. Се извинуваме. Не сакавме да предизвикаме навреда или каква било непријатност. Ве молам, апсолутно користете ја целата референца поранешна југословенска Република Македонија на местата каде што стои ПЈРМ (FYROM) во нашиот одговор“.

Како што е познато, и покрај тоа што референцата договорена со Грција со Привремената спогодба е само за интерна употреба меѓу двете земји, а сите останати треба да го користат уставното име Република Македонија, Грција успеа да ја протурка истата и во Европската унија и во НАТО, а под силен притисок на службите, понекогаш се издејствува и користење на кратенката ФИРОМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top