| четврток, 6 декември 2018 |

ДУИ: Цар Душан во Скопје е дел од несреќниот подарок од ДПА

car-dusan

Споменикот на самопрогласениот Цар Душан во Скопје, како и целиот проект „Скопје 2014“ е дел од несреќниот подарок што Демократската партија на Албанците им го подари на Aлбанците уште од времето кога ги узурпираа институциите без согласност на Aлбанците, само за да станат дел од власта – реагираше ДУИ.

– Како што претходно ја информиравме јавноста преку презентацијата на документите потпишани од министрите на Мендух Тачи и на ДПА, целиот контрaверзен проект „Скопје 2014“ е плод на нелегитимната коалиција од 2006 до 2008 година – додаваат од партијата на Али Ахмети.

Според нив, Албанците многу скапо ја плаќаат цената на алчноста за власт на ДПА и Мендух Тачи.

– Јавно ги прашуваме да ни одговорат нам и на сите Aлбанци уште колку вакви непријатни „изненадувања“ имаат испланирано за Aлбанците до 2014 година и уште колку споменици имате усвоено уште од 2007 година? Пазарoт на ДПА за да стане дел на нелегитимната коалиција во 2006 година предизвика големa иритација кај сите Aлбанци, но, очигледно, последиците од тоa пазарење ќе продолжат сѐ до 2014 година. По нашето доаѓање на власт и верификацијата на алармантната ситуација, се обидовме да му дадеме мултиетнички карактер на овој проект и успеавме да издејствуваме одлуки и фондови за спомениците на Пјетер Богдани, Јосиф Багери и Неџати Аголи заедно со плоштадот „Скендер-бег“ и Албанскиот театар. Со нашите проекти како Скендер-бег, Хасан Приштина, Адем Јашари, спомениците за сите војници на ОНА од Куманово, па сѐ до Струга, Албанската мајка итн. се гордее целиот албански народ. Додека вам ќе ви пресуди историјата затоа што секој ден сѐ повеќе излегува на виделина дека мастилото на вашиот потпис за „Скопје 2014“ сѐ уште не е исушенo и ние ви гарантираме дека Aлбанците никогаш нема да го заборават овој ваш срам. Демократската унија за интеграции не се согласуваше со овој проект уште од неговиот почеток во 2007 година и овој став и до ден-денес не е променет – заклучува ДУИ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top