Кога двајцата родители работат прекувремено не треба да сте генијалец за да го предвидите резултатот. Тоа го покажува статистиката. Дури и без да истражувате, кристално е јасно што би се случило. Времето предвидено за комуникација, односно времето што родителите го поминуваат со децата, во последните дваесет и пет години, а најмногу во последниве неколку години, во англо-американското општество е намалено за четириесет проценти. Тоа, всушност, претставува 10 до 12 часа неделно помалку за комуникација, односно, како што се нарекува, висококвалитетно време. Тоа води кон разорување на семејниот идентитет и на семејните вредности. Резултатот е значително зголемена детска зависност од телевизија. Па, така, добиваме запоставеност на децата, односно дека што се препуштени сами на себе. Оваа појава придонесува за пораст на детскиот алкохолизам, злоупотребување дроги, криминално насилство кон другите деца, како и многу други очигледни негативни ефекти, кои се одразуваат на здравјето, образованието, способноста да учествуваат во демократското општество. Дури се одразува и на способноста за опстанок. Сево ова негативно се одразува и на интелигенцијата и на резултатите на тестовите во училиште.
Многумина размислуваат вака гласно и коментираат меѓу себе потиснувајќи ја грижата на совест што ја имаат за тоа што поминуваат сѐ помалку време со своите деца, но ова го напиша американскиот лингвист и еден од највлијателните интелектуалци во светот, Ноам Чомски, на својот профил на социјалните мрежи.
Статистиката што ја изнесува Чомски, поткрепена со истражувања на УНИЦЕФ, ја гледаме и во Македонија. Во трката за работа, за задржување на работното место и желба да им се обезбеди повеќе се поставува прашањето каде ги загубивме децата? Треба ли да се чувствуваат виновни родителите што се професионално ангажирани и кои во желбата да создадат повеќе и да го постигнат тоа што си го задале како цел, по пат го загубиле времето што треба да го поминат со своите деца?
– Секако дека ангажираноста на родителите во континуитет по повеќе часови дневно, а на штета на квалитетно поминато време со своите деца, се одразува неповолно на нивниот психички развој. За правилен социо-емоционален развој неопходно е децата да развиваат чувство на сигурност и на емоционална поврзаност со возрасните што се грижат за нив, родителите или старателите. Во спротивно, постои ризик за емоционална нестабилност во подоцнежните години, тешкотии во формирањето и одржувањето на социјалните врски, чувство на загрозена сигурност и самодоверба – вели Огнен Спасовски, доктор по психолошки науки, доцент на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје.
Според него, сето тоа се одразува негативно и на формирањето на личниот идентитет, за што како да недостигаат „здрави“ и конструктивни состојки.
Се случува пример за односи во семејството меѓу мажот и жената да бидат ликови од филмови, ТВ-серии, па и од реални шоуа, што, секако, се одразува негативно на развојот на децата.
– Не е ретко идентитет да се гради врз основа на фиктивни светови од телевизијата и од видеоигрите идентификувајќи се со ликови што дејствуваат моќно и привлечно, ликови што се забавни за широките маси. Сите ние, вклучително и децата, кои се полесно подложни, сме постојано изложени на континуирана промоција на навидум лесноостварливи цели и материјални вредности. За оваа појава одговорноста ја имаат и презафатените родители, кои го практикуваат токму таквиот живот и на децата „од прва рака“ им ја потврдуваат нивната „вистинитост“ – вели д-р Спасовски.
Во нашата држава голем е процентот на возрасните што се невработени. Но, дали тоа значи дека тие поминуваат повеќе квалитетно време со своите деца? Или, на поинаков начин, но со сличен ефект, ги изложуваат децата на „суровата вистина“ за тоа „како се одвиваат нештата во светот“, поминувајќи го времето во политички дискусии, во обложувалници, или пред ТВ-екраните?
– Во ситуација кога луѓето или мораат да работат многу за да ја задржат работата, или мораат да се борат на најразлични начини за да дојдат до работа, прашање е колку може да помогне совет: „ поминувајте повеќе време со своите деца, материјалното е минливо и помалку важно…“ – смета д-р Спасовски.
Нема лоши деца, има лоши родители
Нема лоши деца, ама има лоши родители, кои мислат дека со пари можат да купат сѐ, дури и љубовта на сопствените деца. За психичкиот развој на детето најважни се првите месеци, односно години од неговиот живот. Тогаш, како и во растењето на децата, потребна е љубов и внимание од двајцата родители.
Најновиот тренд мајките да почнуваат со работа веднаш по породувањето и некористењето на постпородилно боледување, недоењето на новороденчињата, води до појава на многубројни проблеми во натомошниот живот, сметаат стручните лица.
– Задоволувањето на основните потреби во првите месеци од животот на детето – за топлина, удобност и храна помагаат за развој за базичната доверба на детето. Детето почнува да верува дека светот околу него е сигурен и пријатен. Доколку потребите на детето во овој период останат незадоволени, детето има чувство дека светот околу него е суров, непредвидлив и не е во состојба да ги задоволи неговите потреби со што се развива недоверба. Раните врски на приврзаност се темел за развојот на „внатрешниот работен модел на социјалните односи“, кој кога еднаш ќе се формира, ги обликува следните искуства и чувства, го насочува вниманието и однесувањето на детето – вели Магдалена Чакар-Маркулеска, специјалист по психијатрија.
Теоријата, но и практиката вели дека незадоволувањето на потребите на детето во првата година од неговиот живот може да се јави со психопатологија во адолесценцијата во облик на алкохолизам, пушење, проблеми со исхраната.
– Адолесценцијата сама по себе претставува еден специфичен период. Младата личност мора да ја напушти сигурноста на детството и да се избори за позиција на возрасен. Создавање на идентитет е најважна задача во овој развоен период. Поистоветување со позитивни модели – познати личности со веќе деклариран идентитет и интегритет, кои се адаптирале во општеството, ја помага интеграцијата и социјалната адаптација кај младите. Но, главен проблем претставува конфузијата на идентитет, кога адолесцентите, немајќи позитивен модел на однесување, развиваат чувство на идентитет приклучувајќи се кон групата на врсници и прифаќајќи ги нејзините стандард и вредности, односно развиваат негативен идентитет – смета Чакар – Маркулеска.
Не се само родителите виновни
За причините за порастот на детскиот алкохолизам, злоупотребувањето дроги, криминално насилство кон другите деца, падот на квалитетот на нивното образование и способност да учествуваат во демократското општество, одговорноста на родителите е едната страна на приказната.
– Другата страна е што прави општеството со своите институции и што може да направи за да го компензира тоа што е пропуштено во семејствата. Притоа, ова е еднакво важно и кај семејствата со високи приходи и зафатени родители, и за тоа од ниските социо-економски слоеви бидејќи децата од сите семејства еден ден ќе бидат возрасни. За сите нив е важно да бидат, и посакуваме да бидат компетентни и активни фактори и учесници во општествениот живот – вели д-р Спасовски.
Прашањето е какви вредности се промовираат и се развиваат, како во семејството, така и во општеството, низ училишните и надвор од училишните активности? Дали воопшто им се нудат некакви конструктивни содржини и какви модели може да им бидат понудени.
– Во контекст на примарното прашање за презафатеноста на родителите, вообичаено практика е да се промовира став дека е сосема во ред да се работи многу, да се работи постојано, постојано да се бараат и да се очекуваат резултати… Пораката е дека е доблесно и пожелно да се работи по цел ден и до доцна во ноќта, вклучително и сабота и недела, денови во кои сосема нормално работат сите продавници, услужни дејности, фирми, државни институции, министри, Влада. Таквиот став се рефлектира на сопствениците на фирмите, кои потоа ќе очекуваат од своите вработени да дадат максимум 168 часа неделно, иако тие, можеби, со мислите се отсутни бидејќи се со своите деца – завршува д-р Спасовски, доцент на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.