| четврток, 6 декември 2018 |

Започнува инженерскиот натпревар ЕВЕС

По петти пат во Скопје се одржува инженерскиот натпревар ЕВЕС во организација на Бордот на Европски студенти по технологија (БЕСТ), а под целосно покровителство на Seavus едукативниот и развоен центар и поддршка на компанијата Seavus.

Инжeнерскиот натпревар, денес (04.12) во просториите на едукативниот центар беше свечано отворен од страна на претставници од БЕСТ и Seavus едукативниот и развоен центар. Ирена Чаушевска, генерален менаџер на Seavus едукативниот и развоен центар, изрази задоволство што по трет пат соработуваат со студентите членови на БЕСТ и што имаат можност знаењето од своите тренери, врвни инженери од индустријата да им го пренесат и на студентите. Според Чаушевска, натпреварот кој е поддржан и од страна на факултетите ФЕИТ, ФИНКИ и Машински факултет е одлична прилика за остварување на поблиска соработка помеѓу студентите, факултетите и едукативните центри со цел креирање на квалитетен кадар кој ќе одговори на динамичните потреби на компаниите од ИКТ индустријата.

Првиот ден од натпреварот го одбележа форумот на тема “Разидувањето што постои помеѓу она што бизнисот го бара и она што образованието го обезбедува” на кој учество земаа претставници од повеќе компании од информатичката и електромашинската индустрија, студенти и професори од техничките факултети.

DSC_0038

Во текот на следните два дена студентите ќе работат на повеќе однапредзададени технички задачи од две области: Case Study и Team Design за време на кои со инструкции од предавачи од Seavus едукативниот и развоен центар ќе работат на осмислување, дизајнирање и составување на мали самолетечки авиони.

Tимовите кои ќе претстават најдобро решение ќе добијат можност да учествуваат на инженерскиот натпревар во Ниш, каде што ќе се натпреваруваат со студенти од цел Балкан, а ќе бидат наградени и со вредносни ваучери од Seavus едукативниот и развоен центар за академските програми и кратките курсеви од областа на ИТ, дизајн и бизнис. Со ова Seavus и едукативниот центар уште еднаш покажуваат дека постојано инвестираат во идните генерации на инженери и носителите на идните движења во земјата и пошироко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top