| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Груевски во Париз на средба со македонската дијаспора

gruevski-iselenici2

 Премиерот Никола Груевски синоќа во Париз, во рамки на работната посета на Франција, имаше средба со претставници на македонската дијаспора.

– Веднаш по пристигнувањето од Лондон дојдов на оваа организирана средба во Амбасадата со претставници на македонската дијаспора да воспоставиме комуникација, да оствариме контакти, да слушнееме што тие велат, како гледаат на Македонија и како тие можат да ѝ помогнат на Макеедонија – изјави премиерот Груевски.

Изразувајќи задоволство од средбата, како што јави известувачот на МИА, Груевски рекол дека во секој случај е добро што се прават вакви контакти и што можеби во иднина од тоа ќе произлезе нешто што ќе биде корисно и за нив и за Македонија.

Меѓу присутните на приемот имаше поголем број Македонци, успешни во различни области.

Ристо Бимбиловски, охриѓанец, кој дваесетина години живее во Париз, се занимава со моден дизајн и има свој бренд „Ристо“, а паралелно соработува и со други брендови, меѓу кои Луј Витон, каде што четири години е дел од дизајнерскиот тим, а работи и за Кензо. Вели дека многу работи го поврзуваат за Македонија, пред се родниот Охрид каде што ја изработува својата колекција во мала семејна фабрика.

Бимбиловски смета дека во Македонија сѐ уште нема потенцијал за висока мода, тоа, како што вели, се случува само во Париз, но има за добро концепирана мода, како што го смета и сопствениот бренд. Колекцијата ја дистрибуира во Америка на видни продажни места, што за него претставува потврда дека сето тоа е возможно бидејќи пред сѐ го прави како семеен проект.

– Мојот бизнис на некој начин ѝ помага на Македонија, а тоа и ми беше целта. Економски многу поприфатливо е колекциите да се развиваат во Македонија. Почнавме со петмина вработени, а сега имаме триесетина. Тоа е одредена помош за локалната економија – вели Бимбиловски, додавајќи дека во бизнисот во Охрид се вклучени и поголем број жени кои рачно прават плетени изработки на кои тој потоа им вметнува модерен дизајн.

На средбата со премиерот Груевски беше и Андриано Џеладин, скопјанец, кој 14 години живее во Париз и е вклучен во телевизискиот бизнис. Тој е претседател на првата ромска телевизија отворена во ЕУ која емитува 24-часовна програма на ромски јазик. Засега има 17 вработени, а целта му е преку телевизијата, како што истакнува, да се развива ромскиот јазик и култура.

– Имам амбиции мојата телевизија да биде Си-Ен-Ен на Ромите низ целиот свет, со претставништва насекаде во светот, почнувајќи од Балканот – вели Џеладин.

Премиерот Груевски заедно со владината делегација, во чиј состав се вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, вечерва во Париз ќе ги претстават можностите за инвестирање во Република Македонија.

И овој деловен форум, како и вчерашниот во Лондон, се организира во соработка со реномираната групација „Фајненшл тајмс“, која учествува во организирањето на настаните со цел привлекување странски инвестиции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top