Притисоците врз малите акционери на „Фершпед“ продолжуваат и денеска, тврди Кираца Трајковска, потпретседателка на Надзорниот одбор на „Фершпед“, јавува Плусинфо.
Таа укажува дека на тој начин семејството на Штерјо Наков, кое поседува над 20 проценти од акциите, сака да добие што повеќе полномоштва за претстојното вонредно собрание, а со тоа да има мнозинство гласови и така во нивни раце да биде одлуката по точките што ќе се постават на дневниот ред.
– Накови ги преплашија акционерите, но јас отворено ги повикувам да не се плашат од никого, да не потпишуваат бланко-полномошно, туку сами да одлучуваат на вонредното собрание. Јас јавно ги наведов моите мотиви за тоа зошто го свикувам ова собрание. Укажав дека постои негативен тренд во работењето. Сите акционери треба да одлучуваат за својот капитал – порачува Трајковска.
Според нејзините сознанија, вработените-акционери биле повикувани од страна на раководните лица, им било доставено бланко-полномошно и не им било дадена копија. На пензионерите-акционери вакви полномошна им биле доставувани дури и со возач.
Комисијата за хартии од вредност потврди дека го следи случајот и дека вчера биле во просториите на „Фершпед“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.