| четврток, 6 декември 2018 |

Студентите едуцираа за заштита од вирусот ХИВ

Сојузот на студенти по медицина на Македонија преку одборот за Репродуктивно Здравје и СИДА и Студентски парламент на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА го одбележаа со акцијата „Студентите и Дурекс во борба против ХИВ/СИДА’’. Тие во просториите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ одржаа конференција за ХИВ/СИДА на која ги едуцираа присутните студенти за сите ризици од некористење на заштита и предностите од истата.

Оние што не беа присутни на едукацијата добија кондоми со што се апелираше на нивната одговорност.

durex

 

– Мислам дека голем број од студентите имаат некои познавања за ризиците од некористење на заштита при сексуален однос, меѓутоа наша задача како некој кој се посветил на заштита на здравјето, постојано да ги потсетуваме нашите пријатели, колеги, врсници дека заштитата при сексуалниот чин од сексуално преносливи инфекции и ХИВ/СИДА е сечија одговорност. Покрај заштитата од СПИ, одговорноста нè штити и од непланирана бременост. „Дурекс“ како светски бренд оваа година ни ги поддржа активностите за едукација на студентите и сме среќни затоа што е важно како дел од нашата програма за превенција – изјави Рина Пурини, национален офицер за репродуктивно здравје и СИДА при ССММ.

Студентите на државниот универзитет имаа можност директно да разговараат и да се информираат преку едукативните материјали за како се пренесува ХИВ вирусот и на кој начин треба да се заштитат.

durex 3

 

– Студентите се идните лидери на општеството, така што треба да водат здрави животни навики поточно да водат љубов со заштита. Со тоа што Дурекс како лидер на пазарот директно ги поддржа студентите, за навремено да се спречи ширење на СПИ и вирусот ХИВ во Македонија е само извршување на нашата задача и исполнување на одговорноста кон нашите корисници и сите граѓани – вели Елена Гагиќ, претставник на „Меркур Трејд“, генерален дистрибутер на „Дурекс“ во Македонија.

Студентската организација петта година по ред го одбележува Светскиот ден во борба против ХИВ/СИДА, во насока да се зголеми свеста на студентите за сексуалното и репродуктивно здравје, односно во иднина да планираат здраво семејство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top