| четврток, 6 декември 2018 |

Филхармонија само ќе му го чува грбот на „Архангел“

По двегодишно отсуство од сцената, на 20 декември, македонскиот рок-состав „Архангел“ во спортскиот центар „Борис Трајковски“, во придружба на Македонската филхармонија, ќе одржи концерт, кој се дефинира како своевиден рок-спектакал.

Во текот на својата 25-годишна кариера, овој состав има издадено 5 албуми, 4 студиски и еден во живо, кои се сметаат за референци кога е во прашање овој вид творештво, иако е голем бројот на оние кои сметаат дека песните што ги напиша Ристо Вртев и кои ја одбележаа турбулентната македонска транзиција, со својот квалитет одамна ја надминаа рамката на жанровското ограничување и станаа општи места во времето кое го живееме.

На 20 декември ќе имаме ретка можност овие извонредни дела да ги слушнеме оплеменети со звуците на најелитниот музички оркестар во земјава, Македонската филхармонија. Во согласност со предизвикот, „Архангел“ во оваа пригода ќе се појави како шестчлена рок-формација, убедливо најмоќната во неговата долгогодишна кариера.

Во 2011 година, „Архангел“ нѐ потсетија зошто македонски звучи подобро. Македонската филхармонија само ќе го надополни овогодинешното случување со потписот на „Архангел“, а под мотото „Љубов“. Оркестарот на македонската филхармонија на овој концерт со повеќе од 60 музичари на сцена ќе им го чува грбот на рокерите, кои одбележаа цела една ера во македонската музичка историја.

 Влезниците за концертот можете да ги најдете по цена  од: партер – 500 денари, трибина – 700, последни три реда – 600, ВИП Трибина – 1000, фанпит – 700 денари и ВИП резервација со маса – 4000 денари. Истите можете да ги најдете во Југотон, Цвеќара Розе Веро 2, Камарад Рамстор, во продажната мрежа на „купи карти за сѐ“ и „мк тикетс“, како и на неколку локални места во земјава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top