Клучната препрека за оддржување референдум за правата на националните малцинства во Хрватска треба да биде промената на Уставот со која ќе се забрани плебисцитарно изјаснување за основните човекови права и слободи, тврди „Јутарњи лист“ во врска со најавата на хрватската Влада дека нема да дозволи оддржување на референдумот за „забрана на кирилицата“.
– Верувам дека многу брзо ќе биде променет Уставот и ќе биде одредено кој вид референдум е можен. На оваа недобронамерна иницијатива ќе и се спротивставиме со сите правни средства и за тоа не ни треба Уставниот суд, бидејќи Хрватскиот сабор го донесува Уставот и самот е овластен да го толкува. Значи, референдум за правата на националните малцинства нема да има – изјави хрватскиот премиер, Зоран Милановиќ.
Организацијата „Штаб“ за одбрана на хрватскиот Вуковар тврди дека собрала доволен број потписи од граѓаните за распишување референдум со кој се бара националното малцинство да има право на употреба на своето писмо и јазик, доколку неговите припадници сочинуваат најмалку половина од населението во една единица на локалната самоуправа, а не 30 отсто како што е сега регулирано со Уставниот закон.
– Добро нека слушнат, додека сум претседател на Владата референдум за правата на националните малцинства нема никогаш да мине – порача вчера Милановиќ, еден ден по првиот референдум на кој мнозинството граѓани прифатија со Уставот да се ограничат правата на сексуалните малцинства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


