| четврток, 6 декември 2018 |

Со брилијантни потези Пандев му се одмазди на Лотито

Горан Пандев беше извонреден против поранешниот клуб Лацио, а во изјава за „Скај Италија“ вели дека радоста по голот што го постигна во 50. минута за Наполи и начинот на кој го прослави, му ги посветува на претседателот на „лацијалите“ Клаудио Лотито.

„Начинот на кој се израдував не беше за навивачите на Лацио. Тие беа многу коректни со мене додека настапував за клубот од Рим. Со нив немав никакви проблеми, туку со претседателот на клубот (Лотито, н.з.). Добро е што победивме по серијата од 3 порази“, изјави Пандев.

pandev

Во Италија се појавија информации дека македонскиот фудбалер има понуда повторно да се врати во Интер, а се шпекулира дека тоа е желба на неговиот поранешен тренер во Наполи, Валтер Мацари.

„Не сум запознаен со желбите на Мацари. Имам уште една година договор со Наполи, овде ми е убаво и не би менувал ништо“, додаде Пандев.

Горан брзо се вклопи во системот на новиот тренер Рафаел Бенитес и игра одлично и во новата сезона. Повторно докажува дека е најсилен кога е најпотребно, а јубилејот од 300. натпревар во Серија А, синоќа, го зачини со гол и асистенција.

ТВ репортерот на „Скај Италија“ го праша дали на повидок е продолжување на соработката со Наполи, идното лето кога му истекува актуелниот договор.

„Не сме разговарале за такво нешто. Сега сме фокусирани на настапите во првенството и на игрите во Лигата на шампионите“, одговори Пандев.

Наполи по 14 кола во Серија А е третопласиран со 31 бод, 6 помалку од лидерот Јувентус и 3 од Рома. За 11. декември за Пандев и дружината е закажан клучниот меч во фазата по групи во ЛШ, против Арсенал. За пласман понатаму потребна им е победа од 3 гола разлика, или кикс на Борусија Дортмунд против Олимпик Марсеј на „Велодром“ во Марсеј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top