Општината е надлежна за спомен-обележја, а не за споменици, објаснуваат од Центар, јавува „Утрински весник“.
Тазе поставениот споменик на Тито пред истоимената гимназија засега ќе остане исправен, иако некои го оквалификуваа како дивоградба. Тој преку ноќ, во петокот, никна пред гимназијата, а го поставија од Сојузот на Титови леви сили во знак на одбележување на 70-годишнината на Денот на републиката (поранешна СФРЈ). Дали има дозвола за споменикот или не, од Сојузот не одговорија конкретно.
– Имаме комплетна техничка документација. Излеан е по специјална нарачка во Скопје, а го платија граѓаните на Скопје и на Македонија. Висок е 2,65 метри. Сосема доволно е кажано – ни изјави во петокот претседателот на Сојузот, Слободан Угриновски.
Тој денеска не беше достапен за дообјаснување.
Општинската инспекција од Центар, пак, денеска излегла на терен и констатирала дека споменикот е поставен, а градежните работи се завршени.
– На локацијата инспекторот не затекна никој од изведувачите за да му врачи покана да дојдат во просториите во Општината. Инспекторот не можеше да добие информација кој е изведувачот. Општина Центар до Министерството за култура и до Собранието на РМ достави барање за информација дали споменикот е од проектот „Скопје 2014“. Со оглед на тоа дека ваков објект не е предвиден во ДУП-от и Општина Центар нема издадено никакво одобрение, побаравме информација дали, доколку се работи за споменик, Собранието го има издадено одобрението – информираа денеска од Центар.
Од таму посочија дека Општината согласно законот е надлежна за спомен-обележја кога се работи за личности и настани од локален карактер, како што беше случајот со проектот „Скопје 2014“.
„Следните чекори кои ќе ги преземе Општината ќе бидат во зависност од одговорите од Министерството за култура, од Собранието и од изведувачот“, велат општинарите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.