| четврток, 6 декември 2018 |

Утре почнува „Таксират 15“

Таксират фестивал утре, вторник (3. декември 2013) стартува со првиот настан од претфестивалската програма на своето јубилејно петнаесето издание.

Oва издание се отвора со концертот на „PORN“ – бендот од калифорниското подземје кој доаѓа во Скопје заедно со Били Гоулд , басистот на американскиот состав „Faith No More“. Бендот прв пат ја претставува својата музика пред македонската публика, а нивниот жесток и неконвенционален звук ќе придонесе за моќно стонер-рок искуство на претфестивалската вечер која ќе се одржи во клуб „Хавана“, со почеток во 21 часот.
Групата PORN, претходно позната под името „The Men of Porn“, постои од 1999 година. Зад себе имаат повеќе соработки кои резултираа со четири студиски албуми, а моменталниот состав на бендот кој ќе го видиме во Скопје е Тим Мос, Били Гоулд и Балац Панди.
PORN е всушност музички колектив од Сан Франциско чиј звук е тешко да се дефинира, туку тие повеќе претставуваат постојан пркос на музичката конвенционалност. Комбинирајќи стонер-рок, алтернативен метал и сѐ што ним им дава нова надеж за музиката, творештвото на PORN ги здружува тапанарот на Melvins и Nirvana – Дејл Кровер, почитуваниот инди басист и продуцент Били Андерсон (кој има соработувано со низа групи меѓу кои Sleep, Neurosis, Crisis), гитаристот и вокал Тим Мос, басистот на легендарните „Faith No More“ – Били Гоулд, уникатниот унгарски тапанар Балац Панди кој покрај останатите соработки е тапанар и на несомнено едно од најзначајните имиња во ноиз музиката Merzbow (експерименталниот музички проект на Masami Akita).
Зад себе имаат четири студиски албуми, од кои првиот „Porn American Style“ (1999) го објавија за веќе непостоечката етикета Man’s Ruin Records. Вториот „Experiments in Feedback“ се појави во 2001, па одличниот „Wine, Women and Song“ во 2004 (кој се чини неверојатно подеднакво ги здружува влијанијата на бендот од артисти како Black Sabbath, преку Verve, до Ornette Coleman) и последното сплит-издание „…And The Devil Makes Three“ (2008) во соработка со јапонскиот ноиз-артист Merzbow.
Концертот на PORN во Скопје ќе се одржи утре во клуб „Хавана“ со почеток во 21:00 часот.
Цената на билетите е 150 денари во претпродажба и 200 денари на влезот во клуб „Хавана“. Продажбата на влезниците се одвива во мрежата на МКтикетс:
• Во Скопје: Југотон ГТЦ 1 кат, Розе Веро 2, Камарад Рамстор, Кафе Браво, Круг Кафе Аеродром.

• Низ Македонија : ЗЗ ТОП Охрид, Агора Куманово, Хард Рок Битола, Шишко Кочани.

 

По концертот на Porn, во офф-програмата на Таксират 15 не’ очекуваат уште две концертни вечери, првата насловена „ОД ВАРДАР ДО ТРИГЛАВ“ која ќе се одржи на 8. декември во МКЦ, а на која публиката ќе има прилика да ужива во концертната промоција на новиот албум на Conquering Lion – „Revelation“ и настапите на претставниците на младата инди сцена во регионот: Repetitor (Србија), N’toko(Словенија) и Фонија (Македонија). Втората офф-Таксират вечер е концертот на српскиот хип-хоп феномен BAD COPY, кој ќе се одржи во „Експо Центар“ на 14. декември 2013.

Главната фестивалска вечер на ТАКСИРАТ 15 годинава е закажана на 28. декември во Метрополис Арена, а за ова финале веќе се најавени настапите на Bernays Propaganda, Београдски Синдикат, The Locos, Дубиоза Колектив и Мајке.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top