| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватска: Има ли доволно потписи за референдум за Вуковар?

vukovar_referendum2-171113Заврши собирањето потписи во Хрватска за референдум за забрана на кирилицата во Вуковар, а организаторот, Штаб за одбрана на хрватски Вуковар, процени дека се собрани доволен број потписи.
– Според груба, но навистина груба проценка, мислиме дека собравме доволен број потписи, дури можеби и 10 отсто повеќе од потребните – пренесе Хина став на организаторот.
За распишување референдум е неопходно да бидат собрани повеќе од 450.000 потписи.
Штабот за одбрана на хрватски Вуковар бара распишување референдум за да се измени член 12 од Уставниот закон за правата на националните малцинства, кој ја регулира употребата на јазикот и писмото на малцинските заедници.
Организиацијата бара тоа право националното малцинство да го остварува кога нејзините припадници сочинуваат најмалку половина од населението во единицата на локалната самоуправа, а не 30 отсто како што е сега регулирано со Уставниот закон.
При тоа се повикува на Европската рамковна конвенција за заштитата на националните малцинства, која на секоја држава ѝ препушта тоа прашање да го уреди со сопствено законодавство и тврдат дека со тој чин не се намалуваат правата на ниту едно малцинство.
Претседателите на хрватската држава и влада, Иво Јосиповиќ и Зоран Милановиќ, претходно изразија уверување дека иницијативата за референдумот за забрана на кирилицата во Вуковар нема да успее истакнувајќи дека тоа би било катастрофа за хрватската демократија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top