Петнаесетгодишните девојки во Македонија, при сексуалните односи помалку користат кондоми од момчињата на нивна возраст, покажале резултатите од меѓународната (ХБСЦ) студија за однесувањата поврзани со здравјето на децата од училишна возраст, по повод 1 декември Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА. Истражувањето, освен во Македонија, спроведено е кај адолесцентите од цела Европа и од Северна Америка.
Според студијата, во Македонија 73 отсто од сексуално активните момчиња, односно 57 отсто од сексуално активните девојки на 15 години, изјавиле дека тие или нивниот партнер користеле кондом при последниот сексуален однос.
Лина Ќостарова – Унковска, координаторот на студијата за Македонија, за Вест вели дека податоците говорат оти младите во Македонија се во европскиот просек за користење кондоми, кој се движи од 69 отсто за момчиња во Шведска до 91 отсто за момчињата во Естонија.
“Но ризиците од сексуално преносливи инфекции не се сразмерно распределени меѓу девојките и момчињата во Македонија, односно навремената сексуална едукација би можела да помогне во подобрување на грижата кај младите за нивното сексуално здравје, а со тоа и да влијае врз намалување на меѓуродовите разлики”, вели Ќостарова – Унковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.