| четврток, 6 декември 2018 |

Со помош на „Фајненшл Тајмс“ до инвестиции од Британија и Франција

Премиерот Груевски е на чело на владината делегација која тргна во презентација на можностите за инвестирање во земјава.

Во Лондон и Париз, македонскиот премиер заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, на бизнис форуми ќе ги презентираат можностите за инвестирање во Република Македонија.

Форумите за презентација на македонската бизнис клима се организираат во соработка со реномираната групација Фајненшл Тајмс, која учествува во организирањето на настаните со цел привлекување странски инвеститори.

На форумот во Лондон, покрај обраќањето на премиерот Груевски, презентации за инвестициската клима на Македонија ќе одржат и претставници на „Џонсон Мети“ и на „Кемет Електроникс“ корпорацијата. Според програмата, ќе има и едночасовна панел дискусија во рамките на која ќе се обрати министерот Ставрески, по што следат презентациите на министерот Самак и директорот Мизо.

Предвидена е и посета на медицински установи и болници заради разгледување на опциите и можностите за воспоставување соработка со македонските јавни здравствени установи, како и средби со претставници на компании кои имаат интерес за Република Македонија како потенцијална инвестициска дестинација и организации со кои остваруваме економска соработка.

Премиерот Груевски и делегацијата ќе остварат и средби со македонски иселеници кои живеат или работат во Лондон и Париз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top