| четврток, 6 декември 2018 |

Позитивни оценки за Македонија од Светската трговска организација

Македонија доби високи оценки за спроведените реформи, забележителниот раст и зголемувањето на конкуретноста во изминатите десет години од Светската трговска организација (СТО). Од 27 до 29 ноември во седиштето на СТО во Женева
се одвиваше Првата ревизија на трговската и воопшто економската политика на Македонија.

– Ова за нас е од огромно значење. Веќе се менува комплетно сликата за Република Македонија. Овој извештај на СТО е основа за сите други економски извештаи за земјата и посочува на тоа дека сите реформи што ги спроведува Владата се во вистински правец и директно влијаат на зголемувањето и позитивниот тренд на економијата – изјави заменик-министерот за економија Христијан Делев, која ја предводеше 14-члената македонска делегација во Женева.

Земјата била пофалена за исклучително добрите резултати постигнати во време на Светска економска криза и за превземените реформи.

– Посебно реформите за привлекување странски директни инвестиции, како и договорите за слободна трговија и за двојно оданочување со повеќе земји членки на СТО – изјави Делев.

Како за многу важна и позитивна реформа било посочено на креирањето слободни економски зони бидејќи, како што вели Делев, се покажало дека тоа е вистински чекор, кој директно влијае на невработеноста во Македонија, како и креирањето индустриски зони во секој град. Позитивни биле и оценките за условите за почнување бизнис, за реформите во Централниот регистар, Катастарот…

Македонија, според Делев, доби две препораки од СТО за дополнителни инвестиции во образованието и во иновациите, но како што објасниле во СТО членовите на делегацијата, Македонија вложува шест отсто од Бруто домашниот производ во образованието, а неодамна е формиран Фонд за иновации.

– Беше констатирано дека тоа што го работиме во моментов е во вистински правец – изјави заменик-министерот за економија.

Се оценува дека Македонија е подобра во однос на земјите од регионот, но и од некои земји-членки на Европската унија. Овие констатации, како и оценките од извештаите на Светската банка и на други организации, според Делев, претставуваат охрабрување Македонија да продолжи во иста насока, но истовремено, тие се и охрабрување за странските инвеститори
да дојдат во земјата.

Македонската делагеција во Женева во рамките на ревизијата директно одговарала на 94 прашања поставени од претставниците на СТО. Следната ревизија треба да биде за шест години, но доколку Македонија стане членка на Унијата, тоа нема да се случи. Македонија е членка на Светската трговска организација од април 2003 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top