| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ: Одговорност за Трескавец, Култура: СДСМ прави лош маркетинг

-Најновото опожарување на манастирскиот комплекс Трескавец уште, еднаш, во серијата немили настани во кои е уништено или загрозено културното богатство на земјата, покажува дека негрижата е системска и дека е производ на погрешните приоритети и несоодветните политики на актуелната власт, разоткривајќи ја нивната инфериорност да ја препознаат важноста на културното наследство и да овозможат соодветна заштита, согласно законските норми и пропишаните стандарди – реагираше Советот за култура при СДСМ кое смета дека има  континуирана негрижа за културното наследство.

СДСМ побара одговорност од највисоките структури во Министерството на култура и Управата за културно наследство.

=Надлежните државни и црковни институции не смеат грижата за културното наследство во македонските манастири да ја остават единствено на личната жртва на монасите, на домаќините и на другите лица што случајно ќе се затекнат во црковните конаци. Со овој немарен однос беше загрозен Манастирот Трескавец, изграден во 13 век и со фрески датирани во 14 век. Во манастирот постојат две крила од врата во плитка резба и кралски двери датирани во 16 век. Значајни се иконите со претстави на Апостолите од 17 и 18 век, се вели во реакцијата на Советот – додаваат тие.

Возврати и Министерството за култура. Велат жалат што оваа партија прави маркетинг и користи немил настан за дневно-политички цели.

-Денешното соопштение за јавност на СДСМ за наводната континуирана негрижа за културното наследство,  е тенденциозно  и е без никакви аргументи во согледувањето на фактите и состојбите во македонската култура. Фактите и аргументите за постигнатото во заштитата на културното наследство во последните шест години се видливи и мерливи. Сериозниот однос кон културното наследство на оваа Влада и на Министерството за култура е потврден со илјадници реализирани проекти од областа на заштитата на културното наследство, за разлика од времето на СДСМ кога овој сегмент но, и останатите од областа на културата, беа ставени буквално на маргините на државната политика, а археолошките наоѓалишта беа постојана мета на дивите копачи. Како што информиравме и вчера, надлежната институција Завод и Музеј Прилеп  и Управата за заштита на културното наследство веднаш пристапија кон изработка на проект за реконструкција и санација на манастирскиот комплекс Трескавец кој ќе биде готов за еден месец. Сметаме дека е особено важно што црквата и трпезаријата кои потекнуваат од 13 и 14 век  не се уништени во овој немил настан. Исто така на вчерашната седница, Владата на РМ веднаш додели еднократна помош за манастирот Трескавец. Да го потсетиме СДСМ дека во моментот, во Прилеп се работи и на реконструкција на конаците во манастрирот Свето Преображение Зрзе и реконструкција на конакот во манастирскиот комплекс Варош, а во завршна фаза е и проектот за реконструкција и санација на манастирот Св. Јован Бигорски. Воедно Министерството за транспорт и врски започна и со изградбата на патот Трескавец-Прилеп, кој долго години не беше направен, од причини познати само на СДСМ. – велат од министерството.

Несериозно е трагедии како што се опожарувањето на манастирскиот комплекс Трескавец или муралот на Борко Лазески да се ставаат во дневно-политички контекст и културата и наследството да се користат како инструменти за политички пресметки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top