Сто и педесет менаџери од Република Македонија од идната година практично ќе се обучуваат во компании во Германија, Холандија и Велика Британија во рамки на втората фаза од проектот „Топ менаџмент“, информира денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Целта на проектот, според Ѓорѓиев, е менаџерите да ги надградат своите способности да стекнат нови знаења, вештини и капацитет кој ќе биде од битно значење за натамошно функционирање на нивните компании, индивидуален и компаниски развој, но и нови можности и услови за нова профитабилност на компаниите што тие ги водат. Практичната работа на која ќе бидат подложени ќе биде три или четири недели, а најголем дел од трошоците ќе ги покрие Владата. Ќе бидат опфатени менаџери од металопреработувачката индустрија, информатички-комуникациски технологии, трговија, земјоделство, сметководство, прехрамбена индустрија, туризам, консалтинг, шпедиција, маркетинг…
-Во извршувањето на практичната работа тие ќе добијат ментор, кој ќе работи со нашиот менаџер во насока на квалитетно влегување на процесите на таа компанија, стекнување нови знаења, практични искуства и вештини кои ќе допринесат за натамошен негов развој. По завршувањето на обуката по враќањето во Македонија менаџерите ќе имаат обврска да
достават извештај до Владата и да направат презентација за стекнатите знаења и вештини пред останатите колеги и 150 менаџери дел од овој проект – рече Ѓорѓиев.
Услов за пријавување, покрај поминувањето на практичниот дел, менаџерите треба да поседуваат и сертификат за познавање странски јазик, кој треба да биде приложен до Владата.
Проектот „Топ менаџмент“ досега се реализираше во два циклуса во кои беа пријавени и поминаа теоретска обука по сто топ менаџери од македонските компании, односно 200 менаџери, кои ја завршија теоретската обука која опфаќа планирање, организација, контрола, ирзаботка на бизнис планови, стратешко планирање, лидерство… Од овие 200 луѓе околу 40 отидоа во компании од сродни дејности во Словенија и Германија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


