| четврток, 6 декември 2018 |

Цибона дополнително мотивирана против МЗТ Скопје, исплатени се долговите на играчите

Раководството на Цибона вети дека ќе им ги исплати заостанатите плати на своите кошаркари, па популарните цибоси дополнително мотивирани и со полни џебови ќе истрчаат на паркетот во „Борис Трајковски“ против МЗТ Скопје. Натпреварот од АБА-лигата се игра утре од 17 часот.

– Парите би требало да се исплатат во текот на денешниот ден. Се надевам дека од ова коло ќе немаме финансиски проблеми. Ги разбирам играчите, бидејќи и мене ми должеле пари и знам како е – изјави тренерот на Цибона, Славен Римац.

Тој има рецепт за победа против македонскиот првак МЗТ Скопје, но додаде дека Цибона ќе игра против мошне незгоден противник.

– МЗТ Скопје е опасен противник, особено кога играат пред своите симпатизери. Во Скопје играат сосема поинаку од игрите што ги прикажуваат на гости. Селекцијата на ударите од поле ќе мора да ни биде добра, за да не им дозволиме контри и полуконтри. Не смееме да избрзуваме со шутот и тоа е најважниот предуслов за да имаме шанси за победа – додаде Римац.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top