Либерализацијата на пазарот и формирање берза за електрична енергија, создавање услови за купопродажба на електрична енергија по пазарни цени и предизвиците, можностите и предносите што најважната електроенергетска реформа го носи во Македонија и во регионот. Ова се најважните теми за кои презентираа искуства и дискутираа стручни лица од земјава и од регионот, на првата тркалезна маса во организација на а.д. МЕПСО.
Со свои презентации денеска се претставија стручни лица од МЕПСО, бугарскиот систем-оператор ЕСО, од српскиот систем-оператор ЕМС, а беше претставена и успешната приказна на БСП „Саут Пул“, словенечката берза за електрична енергија која успешно работи од 2008 година.
Стручните лица од МЕПСО, ЕСО, ЕМС разменија искуства и презентираа во кои стадиуми се процесите на либерализација на пазарите за електрична енергија во нашиот регион, разговараа за влијанијата и ценовните ефекти од отворањето на пазарите и формирање берзи на кои ќе се тргува со електрична енергија и со капацитети за пренос на електричната енергија.
– Либерализацијата на пазарот на електрична енергија е голема реформа којашто ја спроведуваме. Наскоро на пазар ќе можат да набавуваат електрична енергија за своите потреби над 220 компании, со што ќе го остварат нивното право за избор. Сега ја организиравме оваа тркалезна маса за да собереме искуства и да ги размениме нашите искуства со колегите од соседните систем-оператори и од словенечката берза за електрична енергија – потенцираше Синиша Спасов, генерален директор на а.д. МЕПСО.
Воедно беа отворени и прашања за прекуграничната берзанска трговија со електрична енергија со моделот „каплинг маркетс“ – поврзани берзи за електрична енергија во две соседни земји.
– Нашата берза функционира од 2008 година и успешно се развива. Досега над 30 отсто од конзумот за електрична енергија во Словенија се тргува на берзата. Берзата не може да влијае на тоа дали цените ќе се зголемат или намалат. Берзата создава транспарентни ценовни сигнали за сите учесници на пазарот на електрична енергија – истакна Анже Предовник, генерален директор на БСП „Саут Пул“, словенечката берза за електрична енергија.
Дискутантите заклучија дека либерализацијата на пазарот и формирање берзи ќе воведе нов квалитет преку создавањето услови за поголем број потрошувачи на електрична енергија да имаат избор при одбирањето на своите партнери од кои купуваат електрична енергија.
На конференцијата учествуваа и претставници на ЕЛЕМ, ЕВН Македонија, Министерството за финансии, Владата, Регулаторната комисија за енергетика и на Македонската енергетска асоцијација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.