| четврток, 6 декември 2018 |

Се истражуваат причините за пожарот во манастирот Трескавец

Во манастирот Трескавец од денеска почнува истрагата за причините за катастрофалниот пожар во кој изгореа конаците и се констатира состојбата.

Пожарникарите, полицијата и дел граѓани останаа ноќеска, а побројно пристигнаа уште изутрината за да понудат помош. Прилепчани, за кои Трескавец има посебно значење, и за жал, го имаат искуството со големиот пожар од пред 23 години кога исто до темел беа уништени конаците, се мобилизираат и овој пат.

Причините се уште не се познати за избувнувањето на огнената стихија. Министерката за култура Елизабета Канческа Милеска најави дека денеска до владата ќе биде доставена итна информација за манастирот, за веднаш да се подготви план, а и потоа проект за обнова на уништеното.

– Остана срцето на манастирот. Црквата од 13. век е спасена, како и трпезаријата од 14. век – рече владиката Климент.

Во Прилеп денеска има седница на економскиот, а потоа и на општинскиот совет со единствена точка на дневниот ред – пожарот во манастирот Трескавец, состојбата и можните први чекори за преземање мерки.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top