На 30. ноември, во Капан Ан ќе гостува еден од најистакнатите драменбејс проекти од престолнината на Србија – CODEX.
Белграѓаните Ѓорѓе Милашиновиќ aka Toxic и Ранко Мариќ aka Phase – од 1998. почнуваат да функционираат како CODEX и практично ја втемелуваат бас сцената во својот град. Овој проект веќе 15 години е синоним за врвен диџеинг, драмебејс продукција и организација на квалитетни клабинг настани. Имаат реализирано повеќе од дваесет музички изданија за познати дискографски куќи како Full Force, Rise Audio, Sinuous, Tribe 12… Организирале скоро илјада драменбејс настани – креатори се на клабинг вечерите „Grime n Bass“, „Drum Motion“ и „Stylez“, додека нивниот серијал Evolution е веќе легендарен – најдолго егзистира на белградската независна музичка сцена и ги презентира најголемите драменбејс имиња.
Музичките парчиња на CODEX можете да ги чуете во диџеј сетовите на имиња како: Bailey, Fabio, Grooverider, BTK, Blu Mar Ten…
Како диџеи CODEX го имаат делено микс-пултот со величини како: Dieselboy, Noisia, Cause4Concern, Pendulum, Ed Rush, Optical, Chemical Brothers, Black Sun Empire, LTJ Bukem…
Денес, CODEX се наоѓа во самиот врв на регионалната андерграунд сцена.
CODEX има до сега неколку пати гостувано во Скопје. Секој пат приреди одлично доживување и беше испратен со аплаузи, така да ни предстои добра забава.
Во сабота, во Капан Ан – ќе се претстават со енергичен сет, кој ќе биде своевидно еклектично патување низ различните стилови на драменбејсот.
Вечерта ќе ја комплетираат домашните артисти: Аномалиа Натива, Нултабајт и Нерсес Малајкан.
Возењето започнува на полноќ, а влезницата чини 150 денари.
Гостувањето на CODEX се реализира во рамките на Beats Bazaar вечерите во Капан Ан, а на иницијатива на Скопје Вавилон – нова форма на активизам, која обединува креативни умови и стимулира активности за одржување и унапредување на културниот живот на Скопје.
Настанот е помогнат од Културно-информативниот центар на Србите во Р. Македонија – СПОНА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.