| четврток, 6 декември 2018 |

Се шири скандалот со прислушување: НСА ги шпионирала Ердоган и Г-20

Американската Национална агенција за безбедност (НСА) во желба да ги дискредитира радикалните исламисти, следела некои од нив настојувајќи да ги открие нивните склоности кога е во прашање користење порнографски содржини на интернет, објави вчера „Хафингтон пост“, повикувајќи се на еден од документите кои ги доставил некогашниот соработник на агенцијата, Едвард Сноуден.

НСА сакала да укаже на „хипокризијата“ на шест лица кои ги ставила под „надзор“, а станува збор за лицата кои се декларираат како радикални исламисти посветени на џихадот, муслиманскиот свет на војни, се дознава од документот што го зел Сноуден, кој Вашингтон го бара поради откривање податоци за методите со кои САД се служат во надзор на телекомуникациите.

Во документот не се споменуваат имињата на следените исламисти ниту местата на кои тие се наоѓаат, иако се наведува дека сите се надвор од САД, но се истакнува дека не се работи за луѓе кои се поврзани со терористички активности.

Документот до кој дошол „Хафингтон пост“ е најнов во низата документи кои се наоѓаа на насловните страни благодарение на откритијата на Едвард Сноуден, кој во моментот се наоѓа во бегство во Русија.

Скандалот со прислушување на светските лидери од страна на НСА дополнително се прошири. Канадскиот „Cи-Би-Cи“ објави детали кои укажуваат дека НСА, заедно со канадската разузнавачка служба CSEC, ги прислушувале лидерите на земјите во текот на одржувањето на самитот на Г-8 и самитот на Г-20 во Торонто во 2010 година.

„Cи-Би-Cи“ наведува дека барањето за прислушување НСА го упатила на тогашниот и актуелен премиер Стефан Харпер, кој го одобрил. НСА потоа од американската амбасада во Отава шест дена ги прислушувала лидерите на 25 земји-учеснички на самитот, а меѓу нив бил и премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top