На 30 ноември во 20 часот во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга концерт ќе има македонскиот џез-состав „Летечки пекинезери“.
„Летечки пекинезери“ (Бојан Петков-гитара и перкусии, Иво Солдатовиќ-кларинет, Кирил Туфекчиевски-контрабас, Славчо Коцев-тапани и Петар Христов-тенор саксофон) се македонски џез-состав со единствена цел, да создава нова свинг музика. Нивната љубов кон свингот ги поттикнува да креираат уникатен звук кој претставува мешавина од свинг со други жанрови музика, на еден многу природен начин.
Најголемото изненадување за нивните слушатели се оригиналните композиции кои имаат постојана тенденција да еволуираат на различни начини. Потеклото од Македонија неминовно се чувствува во нивната музика, преку влијанието на балканските звуци.
„Летечки пекинезери“ досега имаат продуцирано преку 30 авторски дела и издадено еден самостоен албум, за реномираната „Skopje Jazz Festival Records“. Во последниве две години, освен во Македонија, тие бележат настапи во Словенија, Црна Гора, Луксембург, Албанија, Косово и САД.
Во октомври го снимија новиот албум, кој треба да излезе до крајот на 2013 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


