Собранието ја почна денешната седница за пратенички прашања, но петнаесетина минути подоцна таа беше прекината на барање на ДПА. Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, реагираше на процедуралното барање на ДПА за пауза од еден час, кое беше во знак на протест поради, како што рече координаторот на ДПА, Беким Фазлиу, неприсуството на министри на ДУИ на седницата и употребта на албанскиот јазик во Собранието.
Тој и неговиот колега Беким Ќоку, кој беше прв за поставување пратеничко прашање, но не го постави, посочија дека министрите на ДУИ се на одбележувањето на Денот на албанското знаме, но оти тоа право го немаат и другите вработени Албанци.
Ќоку им го честиташе празникот на своите сограѓани и, меѓу другото, констатираше дека во Македонија не се почитува рамноправноста. Откако ги кажа своите тези, тој се заблагодари и рече дека нема пратеничко прашање.
Вељаноски укажа дека пратеничките прашања не треба да се злоупотребуваат за партиски прес-конференции.
– Во Деловникот во член 37 пишува дека пратеникот има право на претседателот на Владата, на член на Владата и на други носители на јавни функции да им постави прашање за нивната работа или за работа од нивна надлежност, прашањето треба да биде прецизно. Пратеникот е должен да одлучи на кого му го поставува прашањето. На крај господинот Беким Ќоку кажа што имаше и рече немам прашање. На пратенички прашања не поставува прашање – рече Вељаноски.
Тој додаде дека до сите министри упатил барање да присуствуваат на седницата.
– Оној што не доаѓа сноси политичка одговорност што може да ја покрене секој. Не е коректно ваш пратеник да се пријави да постави прашање, да биде ставен прв на редоследот и потоа да побарате еден час пауза и на тој начин да им го ускратите правото на другите кои сакаат да постават прашање – нагласи Вељаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


