| четврток, 6 декември 2018 |

Тепачка за мртовци во Штип

Вистинска мала војна се водела прексиноќа пред штипската болница помеѓу две лиценцирани компании за погребни услуги, едната од Битола, другата од Струмица, јавува дописникот на Утрински весник од овој град.

mrtovec

 

Конкурентите во бизнисот со мртвите прво се скарале, а потоа се обиделе и физички да се пресметаат околу превозот на мртовец од Пробиштип, кој починал во Клиничката болница во Штип. Актерите на оваа нова штипска драма биле повикани во станицата на штипската полиција каде што морале да ја појаснуваат својата постапка, која вознемирила поголем број луѓе кои во тоа време биле во кругот на болницата.

Бизнисот со мртвите души, односно погребните услуги во Штип и во регионот, според некои пресметки, тежи над половина милион евра. Во Клиничкиот центар, кој е од регионален карактер, дневно во просек умираат по две лица, а уште по едно лице починува надвор од здравствените установи. Тоа значи дека просечно, на годишно ниво, во регионот умираат над 2.000 лица. Тоа е фактот кој ги надминува добрите обичаи на конкуренцијата на која трката по профит ѝ е животна цел.

Услугата која двете фирми ја нудат за транспорт и подготовка на починати чини и до 500 евра. За транспорт надвор од Штип се плаќа дополнително. Ова знае да биде значајна ставка бидејќи само општините Штип и Кочани имаат лиценцирани фирми за погребни услуги, а немаат десетина други општини чии граѓани по здравствени услуги доаѓаат во штипскиот Клинички центар.

„И двете фирми кои вршат транспорт на починати си имаат свои луѓе во болницата кои за извесен процент им јавуваат кога некој пациент ќе почине. Неретко од болницата кон двете компании протекуваат информации и за пациенти што не се починати, односно се борат за живот, но ’информаторите‘ стручно заклучиле дека им се ближи крајот. А и луѓе од овие фирми често можат да се видат во кругот на болницата“, ни рече медицинска сестра, која сакаше да остане анонимна.

Една пациентка, сведок на инцидентот, коментираше со зборовите: „Аууу, овие ќе се испотепаат и за мртовци“. Друга, пак, се крстеше на она што со свои очи го виде на местото. Инаку, во Штип старите, но и новите гробишта се преполнија, па сега ЈП „Исар“ кое стопанисува со нив разработува две нови парцели во близина на капелата, каде што ќе има над 250 нови гробни места. Токму тие потенцијалната вредност на овој бизнис ја искачуваат на споменатите еден милион евра, па оттука и целата нервоза и жестина за оваа работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top