| четврток, 6 декември 2018 |

Бројот на малолетници заразени од ХИВ зголемен за една третина

Бројот на малолетници заразени со ХИВ вирусот во светот во последната деценија е зголемен за една третина, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО). Повеќе од два милиони адолесценти на возраст меѓу 10 до 19 години живеат со ХИВ вирусот, што е 33 отсто повеќе во споредба на 2001 година, наведе СЗО.

– Многумина не ја добиваат помошта и поддршката што е неопходна за да останат во добра здравствена состојба и да се спречи пренесување на болеста. Покрај тоа, посоти ризик и за инфицирање на неколку милиони други малолетници, се предупредува во соопштението. Во Подсахарска Африка, најзагрозениот регион во светот, повеќето малолетници
инфицирани со овој вирус се девојки кои имале незаштитен полов однос или биле присилени на него – наведува СЗО.

Покрај тоа, многу од младите во Подсахарска Африка, кои се родени со вирусот или се инфицирани со него при раѓањето сега стануваат адолесценти. Во Азија пак најтешко погодени се младите корисници на дроги.

СЗО соопшти дека поради недостиг на соодветна програма за младите, бројот на починати од СИДА меѓу оваа популација порасна за 50 отсто во периодот од 2005 до 2012 година. Во 2005 година од СИДА починале 70.000 адолесценти, а седум години подоцна овој број изнесуваше 104.000 млади лица. Генерално, најмногу луѓе во светот од СИДА починале во 2005 година – 2,3 милиона, а овој број лани изнесуваше 1,6 милион.

Шефот на Програмата за ХИВ/СИДА на УНИЦЕФ, Крејг Меклари, изјави дека најзагрозени се малолетничките, младите момчиња кои имаат хомосексуални односи, корисниците дроги кои се инјектирааи и тинејџерите присилени на полови односи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top