Грчките медиуми, без коментар, ја пренесуваат веста на МИА дека Европскиот совет (ЕС) нема да и додели датум на Република Македонија за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија на декемврискиот Самит.
„Катимерини“ на самиот почеток на текстот потсетува дека Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, а Европската комисија од 2009 до денес пет пати испратила препорака до Европскиот совет за почеток на пристапните преговори со Унијата.
Под наслов „ЕУ не ги отвара вратите за Скопје“, весникот „Етнос“ пишува дека Европскиот совет не ги прифаќа препораките од Комисијата, воглавно поради немањето напредок во врска со прашањето за името, „а од неодамна е забележано и влошување на односите меѓу Македонија и Бугарија“.
Текстовите на оваа тема во грчките медиуми, воглавно се исти. Сите ги пренесуваат истите делови од извештајот на МИА дека Советот ќе го поздрави напредокот на земјата во многу области, ќе побара одржување на добрососедски односи и постигнување на заеднички прифатливо решение за името, додека во однос на преговорите се очекува идентичен заклучок како пред четири години, а тоа е дека „Советот нотира дека Комисијата препорачува отворање на пристапните преговори со БЈР Македонија и ќе се врати на ова прашање за време на следното претседателство“.
– Според државната агенција МИА, единствена позитивна страна во однос на ситуацијата на Македонија во Унијата е што актуелното Литванско претседателство со ЕУ, за разлика од Ирското кое заврши во јуни годинава, нема да ја остави Македонија надвор од заклучоците, иако и ваквиот заклучок е само чекор назад во однос на евроинтеграцијата на земјата, пренесуваат грчките гласила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.