САД постигна договор со Иран за развивањето на нуклеарното оружје од страна на исламската држава. Синоќа Барак Обама ја извести американската нација дека договорот, постигнат во преговорите меѓу Иран, САД, Британија, Франција, Германија, Русија, Кина и претстаничката на Европската Унија Кетрин Ештон, предвидува во следните шест месеци да бидат олабавени санкциите за извоз на иранска нафта, кои значително и наштетија на иранската економија јави дописникот на МИА од Вашингтон.
-Санкциите имаа значителен ефект врз Иран, и отворија простор за дипломатијата. За првпат по една деценија го запревме напредокот на иранската нуклеарна програма, а клучни делови од оваа програма ќе бидат отстранети. Иран се обврза да запре одредено ниво на збогатување на ураниум и да неутрализира дел од своите резерви. Иран ќе ја запре работата на својот плутониумски реактор, а нови инспекции ќе добијат широк пристап до иранските нуклеарни постројки, со цел меѓународната заедница да може да потврди дека Иран ги исполнува своите обврски. Од наша страна, САД и нашите пријатели и сојузници се согласија да му обезбедат на Иран скромни ублажувања на санкциите, но најстрогите санкции ќе останат на сила, изјави претседателот Барак Обама, кој неочекувано се обрати синоќа во 10.30 часот, кога дојде веста дека има договор во преговорите во Женева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.