Историските градби се изградени во конкретна локална клима, која била различна од сегашните и идните климатски услови. Затоа културното наследство има потреба од адаптивни мерки за да се обезбеди негово зачувување. Самиот состав на градбите е во опасност поради пообилните врнежи и навлегувањето на вода во градбата, што ги зголемува ризиците од влага, кондензација, скапување и пораст на габи, стои во извештајот „Влијание на климатските промени врз заштитата на културното наследство“.
Локалитетите кои се анализирани се Скопскиот аквадукт, археолошкиот локалитет „Стоби“ и археолошкото наоѓалиште „Плаошник“.
Како резултат на брзата оцена на ранливоста на културното наследство под закана на климатските промени, може да се заклучи дека сите локалитети опфатени во студијата можат да се очекуваат појави кои предизвикуваат значителни оштетувања и кои ќе бидат предизвикани или забрзани од страна на климатските промени.
Оваа студија е прво научно истражување во поширокиот регион кое подразбира стручна процена на влијанието на климатските промени врз културното наследство.
– Сведоци сме на сè позачестените негативни ефекти од климатските промени во сите сфери на секојдневното живеење. Очекуваните ефекти од овие промени во иднина уште повеќе ќе ја манифестираат својата сложена и далекосежна природа со што проблемот континуирано ќе станува покомлексен – рече министерката за култура Канчевска-Милевска, која посочи дека потребата од итно вооспоставување систем за адаптација на климатските промени со сите други проблеми поврзани со технолошкиот развој на општеството е предизвик за сите.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски истакна дека ова поврзување на глобалните климатски промени со археолошките и историски структури е предизвик не само за Македонија, туку и за поширокиот регионот, бидејќи не постојат претходни студии за влијанието на климатските промени врз културното наследство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.