| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Изградба на пет нови болници во 2014 година

Премиерот Никола Груевски денеска најави дека во 2014 година ќе се градат пет болници – Клиничкиот центар, ПЕТ-центарот  и болницата во Козле во Скопје, и нови болници во Штип и во Кичево, а во првиот квартал на годината ќе биде урната постојната Гинекологија и на нејзино место и на поширок простор околу неа ќе почне изградбата на Клиничкиот центар.

– Во моментов проектот се привршува и во декември очекуваме тендер за градба, а избраната компанија се надевам дека ќе почне да го гради новиот Клинички центар меѓу февруари и април. Финансиската конструкција е заокружена – рече Груевски, по пуштањето во употреба на училишна спортска сала во Горно Лисиче.

Болницата Козле се гради и в година треба да биде готова. Неодамна почна да се гради и ПЕТ-центарот (Центар за позитронска емисиона томографија) кој, посочи премиерот, е инвестиција од 12 милиони евра, половина во градба и половина во опрема.

– Тоа се главните пет нови градби, а имаме и проект за реконструкција на сегашните објекти, кој се одвива во согласност со планираното. Сериозни инвестиции се тоа, мислам дека долг период во Македонија немало такви инвестиции во здравството како што има во последните четири-пет години – истакна премиерот Груевски одговарајќи на новинарски прашања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top