Фани Бланкерс Коен од 2004 година не е повеќе меѓу живите, но нејзините рекорди и 4 златни олимписки медали на игрите во Лондон во 1948 година и начинот на кој дојде до нив се вечна и топла приказна за непоколeбливоста и битката за правда. Холандската дива почина пред 9 години на 85-годишна возраст, оставајќи вечен белег во светскиот спорт и особено во атлетиката. Втората светска војна за миг и ја одзеде шансата да биде хероина на своето време, но популарната „летечка домаќинка“ како што ја нарекуваа Холанѓаните не се предаваше и ги сруши сите бариери, а ги имаше многу.
Храбрата Коен не застана ниту пред предрасудите, ниту пред противничките. Не ја сопре ниту инвазијата на нацистичка Германија во 1940 година. Како мајка на две деца, веќе во залезот на кариерата на 30-годишна возраст, таа освои „покер“ од златни одличја на ЛОИ во Лондон, победувајќи на атлетските патеки на 100 и 200 метри, на 80 метри со пречки и во штафетата 4×100 метри. Патот беше трнлив, а тогаш предрасудите беа голема бариера за многу жени, но не и за Коен.
-Добивав многу писма со застрашувачка содржина. Ми велеа дека не ми личи да ги оставам синот и ќерката дома, и да учествувам на Игрите. Имав и многу противници кои негодуваа што мајка на две деца ќе трча по сопствена слава и тоа во кусо здолниште на атлетската патека. Сметаа дека се однесувам недолично, а јас имав верба во себе. Знаев дека постапувам правилно, а сите што ме познаваа добро разбираа колку си ги сакам децата. Имаше и новинари кои велеа дека само си го валкам образот и дека сум престара за да трчам. Пронајдов еден од нив и само му реков дека ќе му покажам како се трча и се бори на атлетските борилишта – изјави подоцна храбрата Фани.
Дебито на олимписките игри го имаше како тинејџерка на 18-годишна возраст во Берлин 1936 година. Освои едно петто и едно шесто место, а кураж да издржи и да продолжи да се бори и даде токму нејзиниот голем идол Џеси Овенс. Автограмот од блескавиот црномурест шампион, кој ја занеме нацистичка Германија и самиот Хитлер кој беше присутен на борилиштата во Берлин и беше дополнителен стимул на Коен да истрае.
-Се сретнавме со Џеси повторно на игрите во Минхен во 1972 година. Му пријдов и му реков. „Сеуште го чувам твојот автограм од Берлин. Јас сум Фани Бланкерс-Коен“. Неговиот одговор ме изненади. Ми рече: Нема потреба да се претставуваш знам се за тебе. Замислете големиот Џеси Овенс знае се за мене. Па нели е тоа прекрасно – раскажуваше Коен.
Виорот на војната и го одзеде правото да учествува на Игрите во Хелсинки, кои беа закажани за 1940 година. Тој самит на најдобрите беше откажан само една седмица пред германската инвазија на Холандија, во мај. Коен остана во родното место близу Амстердам во следните 6 години.
Во меѓувреме се омажи со некогашниот шампион на Холандија во трискок Јан Бланкерс. Заедно го преживеаа хоророт на војната и таканаречената „Хонгервинтер“ блокада што остави дел од Холандија без храна цели две години (1944 и 1945). Во меѓувреме го роди синот Јантје и ќерката Фанеке и кога сите ја отпишаа, блесна со неверојатен сјај на планетарниот самит во Лондон. Како 30-годишна мајка на две деца ја покори конкуренцијата и гордо, со високо крената глава ги замолкна многубројните критичари, освојувајќи импресивни 4 златни медали. Беше најбрза во спринтерските дисциплини на 100 и 200 метри и на 80 метри со пречки, а со тимот на Холандија славеше победа во штафетата 4х100 метри.
Нејзиниот подвиг е сеуште ненадминат, а експертите од тоа време тврдеа дека „летечката домаќинка“ ќе освоеше уште две злата, ако и беше дозволено да се натпреварува во дисциплините скок во далечина, каде во тој период беше светска рекордерка и во скок во височина. Тогашните правила не дозволуваа настап во повеќе од 4 атлетски дисциплини.
И покрај покерот од златните медали, навредите и сексистичките напади врз неа продолжија, но грото од народот во Холандија сепак мислеше поинаку. Нејзините сограѓани од Амстердам ја дочекаа како вистинска хероина, а подарокот беше скромен, портокалов велосипед. Половина век подоцна на гала церемонија во Монако, Фани Бланкерс Коен беше прогласена за атлетичарка на 20-от век. Признанието го доби врвната атлетичарка и храбра жена Коен, еден бескрајно силен лик што инспирираше милиони жени да издржат во битката за рамноправност.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.