| четврток, 6 декември 2018 |

Берд: Канада недвосмислено го поддржува приемот на Македонија во НАТО

Канада ја смета Македонија за многу близок пријател и сојузник. Недвосмислено го поддржуваме приемот на Македонија во НАТО. Гледано според бројот на жители, Македонија веќе придонесува повеќе од некои од земјите членки, изјави на
прес-конференција канадскиот министер за надворешни работи Џон Берд по денешната средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

– И минатата година се обврзавме дека ќе сториме се Македонија да влезе во редот нa земјите членки. Во економијата, во врска со нашиот европски трговски договор, правиме се за Македонија да може што поскоро да се приклучи, во раната фаза. Драго ни е што почнавме и преговори за заштита на странските инвестиции, изјави министерот Берд.

Македонскиот министер за надворешни работи Попоски изјави дека главни теми на средбата биле економијата и проширувањето на НАТО.

– На планот на економијата разговаравме како да ја зголемиме размената, да привлечеме повеќе инвестиции и да го искористиме моментот по постигнувањето на договор за слободна трговија меѓу Канада и Европската Унија, рече Попоски.

Воедно, додаде тој, исклучително ја цениме поддршката што Канада ни ја дава во евроатланските интеграции.

– Ние се залагаме за исти прашања на мултилатерален план – заштита на човековите права, демократија и владеење на право, рече Попоски.

Двајцата министри на средбата истакнале дека двете земји ги промовираат демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите права и верските слободи, и дека овие заеднички вредности се основа на соработката меѓу Македонија и Канада.

Министерот Берд го истакна значењето на македонската заедница во Канада за одржувањето на блиските врски меѓу двете земји. Според Попоски, Македонија е благодарна за можностите кои им е пружаат на Македонците во оваа земја да ги промовираат својот идентитет и култура.

На економски план, министрите Берд и Попоски најавија дека е почнат дијалог за билатерален договор за промовирање на странските инвестиции и нивна заштита. Се очекува дека овој договор ќе овозможи подобра заштита на странските инвестиции, ќе ги подобри економските врски меѓу Македонија и Канада и ќе промовира економски раст, поголема вработеност и проспертитет.

Попоски и Берд разговара и за размената на дипломати, знаење и други дипломатски ресурси меѓу двете министерства. Договорено било високи претставници на министерствата да ги разгледаат можностите за натамошно подобрување на билатералните односи, во трговијата, полесното патување, правната соработка, научната и образовната дејност.

Попоски, во рамките на својата посета на Канада, вчера присуствуваше на прием во негова чест во Парламентот на Канада, каде домаќин беше претседателот на Сенатот Ноел Кинсела, кој изрази благодарност за македонскиот придонес кон мировната мисија во Авганистан.

Попоски се сретна и со министерот за имиграција и државјанство на Канада Крис Александар, на средба на која била разгледана можноста за визна либерализација, пред се за македонските студенти заинтересирани да се образуваат во Канада. По денешната средба, Попоски заминува во Халифакс, каде заедно со министерот Берд ќе учествува на Меѓународниот безбедносен форум, еден од најзначајните меѓународни собири посветени на безбедноста и надворешната политика во светот, на ранг на Минхенската безбедносна конференција во Германија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top