По шест години градење, се пушти во употреба новиот објект на Основното училиште „Конгреси и Манастирит“ во општина Чаир. Бараките во кои имаа учено десетици генерации од 1964 година, кога и биле изградени, заминуваат во минатото. Сега учениците ќе учат во нов објект кој ги исполнува стандардите за нормално развивање на наставата. На свеченото отворање беа присутни премиерот Никола Груевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, министерот за образование Спиро Ристовски, заменик-министерот за образование Сафет Незири и градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити.
Груевски изјави дека Владата прави максимални напори за да се подобрат условите во училиштата.
– Наша основна цел е да им овозможиме нормални услови за учење на сите ученици без оглед на нивната национална и верска припадност – рече Груевски.

– Овој настан е од посебно значење затоа што се реализира во пресрет на 22 ноември, денот кога е основана албанската азбука во 1908 година, а Министерството ќе се ангажира за подобрување на условите и во други училишта каде што ќе има потреба – рече заменик-министерот за образование и наука, Сафет Незири.
На влезот на училиштето беше поставена табла со името на училиштето „Конгреси и Манастирит“ на албански и на македонски јазик.
Запрашан кога ќе бидат сменети имињата на четрите училишта во општина Чаир: Хасан Приштина (Цветан Димов), Јашар Беј Шкупи (Јане Сандански), Имри Елези (Никола Вапцаров) и Исмаил Ќемали (Рајко Жинзифов ), министерот за образование Спиро Ристовски рече дека ќе се прифатат имињата на две од нив, но не откри за кои станува збор.
Новиот објект на училиштето „Конгреси и Манастирит“ опфаќа површина од 6 илјади квадратни метри, изграден е на два ката со 23 училници, а во една смена наставата ќе може да ја следат 900 ученици. Министерството за образование и наука има инвестирано повеќе од 110 милиони денари за изградба на ова училиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


