
Турски државјанин, кој патувал со автобус за Македонија, на граничниот премин „Деве Баир“ е упапсен со 230 грама хероин кој го криел во јакната, соопшти Царинската управа.
Според Царина, околу 3.30 часот наутро, на влез во Република Македонија, на граничниот премин „Деве Баир“ се пријави автобус со турски регистарски таблички, сопственост на превозна компанија од Турција што сообраќал на редовна линија Истанбул – Пеќ (Косово). При царинска контрола за личен претрес селектиран е патник, турски државјанин со иницијали С.Ц. на возраст од 46 години. При деталниот преглед на именованиот патник, во внатрешниот лев џеб од неговата јакна, пронајдено е едно пакување со непозната прашкаста материја, обвиткано со прозирна селотејп трака.

По тестирањето на пронајдената прашкаста материја со тестери за дрога, утврдено е дека станува збор за наркотично средство – хероин. По извршено прецизно мерење, констатирана е тежина од 227,9 грама хероин. Вредноста на дрогата на наркопазарот во малопродажба би изнесувла околу 6 илјади евра.
Заедно со оваа акција, од почетокот на годинава досега се спречени пет обиди за шверц на хероин, од кои три во соработка со припадници на МВР, при што се запленети околу 14 килограми хероин.

Против лицето С.Ц. ќе биде поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


