В недела во Драмскиот театар со почеток во 20 часот по четврти пат ќе се изведе театарската претстава „Вејка на ветрот“. По текст од Коле Чашуле во режија на Ирена Стеријовска. Играат: Рубенс Муратовски, Кристина Ласовска, Атанас Атанасовски и Драгана Левенска. Успехот на претставата во продукција на Театар Фабрика се должи на односот кон публиката којшто е поинаков и неконвенционален.
На отворањето, Театар Фабрика ја пречека публиката со театарски перформанс поврзан со потребата за креирање и потрагата по новите форми по текст на „Галеб“ од Чехов. Концептот се менува за секоја изведба правејќи ја уникатно театарско искуство. На четвртата изведба текстот полн емоции ќе се следи со чаша вино и уникатна можност публиката да го оцени проектот.
Мислење за изведбата, дефинирање на доживеаните емоции, предлози за идни проекти и изјави низ прашалници ќе се прибираат од публиката за да се добие повратна информација. На овој начин консументите на „Вејка на ветрот“ ја имаат улогата на театарската критика којашто веќе се произнесе позитивно. Прибирањето и следењето на овие податоци е во контекст на отворениот пристап на продукцијата која смета дека на публиката ѝ е потребен отворен медиум за изразување и реакција.
– Независните театри живеат од својата публика. Затоа долгорочно ќе се посветиме на нејзиното негување и почитување реагирајќи на секој нејзин инпулс. Постоиме за луѓето во публиката зашто тие се единствените наши мецени – вели Стеријовска.
По изведбата, организирана е забава со музика од педесетите и шеесетите години на минатиот век. Впрочем, ова се декадите во коишто е сместено дејството на претставата што ни го отвора прашањето дали излезот е подалеку од тука и го одговара демистифицирајќи го американскиот сон виави македонскиот иселенички синдром.
Театар Фабрика e формиран од младa група автори водени од заедничката потреба да се креира, работи, промовира и живее театар. Фабрика е лабoраторија со независен, слободен простор за истражување и создавње нови театарски форми во кој императив е да се биде во чекор со постојаната прогресија што ја бележи оваа уметност.
Билетите се продаваат на билетарницата на Драмскиот театар по цена од 140 и 280 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


