| четврток, 6 декември 2018 |

Британската војска тајно елиминирала членови на ИРА

belfastВојници од една тајна единица на британската армија во Северна Ирска убивала невооружени цивили во Белфаст, откриваат тројца поранешни припадници на единицата.
Тие првпат јавно зборуваат за она што се случувало во т.н. немирни години во оваа британска покраина, за време на неколкудецениското насилство, откривајќи дека војската создала посебни сили за воена реакција (МРФ).
Оваа единица дејствувала 18 месеци и нејзина задача била елиминација на припадници на паравоената ИРА во западниот дел на Белфаст, каде што живеат католици.
Тројцата припадници на МРФ кои прифатија да зборуваат во една емисија на „Би-Би-Си“, но без да се открие нивниот идентитет, тврдат дека сите што биле „елиминирани“ имале оружје, иако не го употребувале во моментот кога биле убиени. Според овие поранешни специјалци, нивното дејствување во Белфаст има спасено многу човечки животи.
Признанието дека британски војници убивале цивили во Северна Ирска доаѓа само 24 часа по предлогот на јавниот обвинител Џон Ларкин за запирање на натамошната истрага за убиства извршени во покраината пред Спогодбата од Велики Петок од април 1998 година.
Единицата МРФ имала 40 луѓе собрани од разните други единици на британската армија. Тие имале задача да работат 24 часа, трагајќи низ улиците на западен Белфаст, каде што бил центарот на ИРА и патролирајќи во необележани автомобили.
Тие извршувале шпионски операции, прибирале доверливи податоци, но и ги убивале сомнителните оперативци на ИРА. Засега се знае дека тие ликвидирале десетмина „сомнителни“ цивили. Единицата е расформирана во текот на 1973 година.
Единицата била активна од 1972 година, во периодот на најжестоката воена кампања на припадниците на ИРА против британската армија и локалните безбедносни служби. Само во таа година, ИРА има изврши 1.800 бомбашки напади или во просек по пет дневно. Во триесетгодишните судири загинаа преку 3.600 луѓе, а трипати повеќе беа ранети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top