Турскиот пратеник Садак Јакут од редовите на владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), најави дека ќе иницира укинување на заедничкото школување на момчињата и девојчињата во Турција, објави весникот „Заман“.
Според него, заедничкото образование на машките и женските деца е погрешно.
– Дај боже оваа грешка да биде исправена во претстојниот период – истакна тој.
Јакут изјави дека момчињата и девојчињата во Турција учат во исти образовни институции „во име на прозападниот имиџ на земјата“, но посочи и пример на западни училишта во Турција, како што се Италијанскиот женски колеџ и Германската младинска гимназија, каде што школувањето не е заедничко.
Сепак, попретседателот на парламентарната група на АКП на премиерот Реџеп Таип Ердоган, Мустафа Елиташ, сепак изјави дека ова прашање не е на дневен ред на власта.
– Немаме информации дека Јакут ќе даде предлог во врска со ова прашање. Доколку тоа го стори, ќе го разгледаме предлогот – додаде Елиташ.
Неодамна Ердоган изрази загриженост поради заедничкото живеење на студентите од различен пол во Турција и изјави дека властите ќе преземат мерки кон студентите и студентките кои заедно живеат. Оваа забелешка предизвика критики, а опозицискиот лидер Кемал Калачдаролгу изјави дека вистинскиот проблем на Ердоган е всушност заедничкото образование и оти тој настојува Турција да ја претвори во земја како Саудиска Арабија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


