| четврток, 6 декември 2018 |

Најблискиот соработник на Меркел: Македонија е високо на агендата на канцеларката

kristof hojsgen

Кристоф Хојсген

Пред средбата Меркел – Самарас, најблискиот соработник на канцеларката за надворешна политика вели дека спорот со името е високо на агендата, но позициите на Самарас и Груевски, работите не ги прават поедноставни, пишува Дојче Веле.

„Во суштина Македонија, односно прашањето за името во последниве 20 години е отворена рана. Во позадина и канцеларката прави обиди ова прашање да се реши. Во суштина не станува збор само за името, туку за стабилноста на земјата и на регионот. На почетокот на 2001 година земјата се соочи со граѓанска војна и затегнатост меѓу различните етникуми кои сѐ уште целосно не се надминати. Затоа, решавањето на прашањето околу името ќе придонесе да се одбегне насилството зашто земјата ќе стане членка и на НАТО. Можете да бидете сигурни дека оваа тема е високо на нашиот дневен ред иако можеби не се забележува. Во една пауза на коалиционите преговори Канцеларката се сретна и со медијаторот Нимиц, посредникот на ОН во спорот со името. Тоа би требало да биде сигнал до земјите дека оваа тема ја имаме високо на агендата“, изјави др. Кристоф Хојсген, раководител на одделот за надворешна, безбедносна и развојна политика во германската влада. Неговото образложение за ангажманот на владата околу спорот со името и Македонија уследи како одговор на прашање на Хајнц Нојбауер, поставено на првата „Аденауер-конференција“ во Берлин (19. ноември) , тематски посветена на улогата на Германија во меѓународната безбедносна политика.

Bundeskanzlerin Merkel in Israel

Хојсген со Меркел

Без големи очекувања!

Според Кристоф Хојсген (на насловната фотографија со Меркел), канцеларката за спорот околу името веќе разговарала со Самарас. Хојсген подвлече дека Самарас „ нормално кажал дека поради економската ситуација во земјата, не можел да направи компромис во партијата и во парламентот “.
„Но, и во Македонија премиерот Груевски исто води многу националистичка политика, па речиси нема село во Македонија каде не е поставена скулптура на Александар Велики. Значи, ваквата ситуација не ги прави работите поедноставни, но можете да бидете сигурни дека ова прашање е често на дневен ред“, потенцираше Хојсген, кој за ДВ потврди дека во петок главна тема на разговорите во Берлин меѓу Меркел и Самарас ќе биде финансиската состојба на Грција.

Надеж во посредувањето!

Во очекување на нов германски кабинет и евентуално ново позиционирање на надворешно-политичките приоритети, парламентарците од Бундестагот се оптимисти дека Германија може да помогне во поместување во дводеценискиот спор околу името кој го има Македонија со Грција. Ова како опција неодамна за ДВ го изнесе Јирген Климке, но сега и неговиот партиски колега Марк Хауптман, ново име во пратеничката група на демохристијаните во Бундестагот. Тој вели дека на

самитот на Европскиот совет во декември централна тема ќе биде заедничката европска безбедносна и одбранбена политика. Или, како потенцира: тоа нема да биде самит на мали, туку на базични реформи со кои ќе се дефинира како во иднина Европа ќе говори со еден глас во сферата на безбедноста и одбраната и каков би бил германскиот придонес во ваквиот тоналитет. За ова секако ќе биде потребна поголема и потесна соработка меѓу државите од ЕУ и трансатлантските партнери. Во ваквата заедничка политика, Балканот, како и досега и натаму ќе има централна улога, зашто во него има сѐ уште отворени прашања кои се значајни не само во однос на проширувањето, туку воопшто и од безбедносен аспект и кои мора да се затворат. Што се однесува до спорот со името, Хауптман ја повтори неопходноста од консензус дополнувајќи дека „Грција има задача оваа расправија да ја расчисти, зашто мора да има резултат кој ќе биде прифатлив за сите партнери, односно и за Македонија“. Хауптман е оптимист дека ова може да се реши и во декември, зашто како вели „ секогаш е оптимист кога станува збор за иднината на Европа“.
На забелешката на ДВ дека во принцип парламентарците се оптимисти и се залагаат за германско посредување во спорот со името, наспроти високата (владина) политика која е главно воздржана, Хауптман подвлекува:
„Германија како европски геополитички централен фактор, заобиколен со помали и поголеми земји партнери, секогаш била посредник во Европа. И тоа не само посредник во контактите, туку и меѓу различните позиции. Во овој спор околу името станува збор токму за посредство меѓу различните позиции и сметам дека Германија со својот глас може да придонесе во постигнувањето на балансот на двете страни од ‘вагата’ . Што се однесува до ставовите на парламентарците и владата, факт е дека парламентарците работите ги гледаат и третираат во посилен општествен контекст, додека владата мора да има се’вкупен преглед на состојбите. Мислам дека во моментов поради финансиската криза посебно внимание ѝ се посветува на Грција и нејзината улога за стабилноста на Европа“, вели за ДВ Марк Хауптман, пратеник на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top