Глобалните емисии на јаглероден диоксид, предизвикани со користењето фосилни горива, во 2013 година ќе достигнат рекордно ниво од 36 милијарди тони, се наведува во извештајот изработен од 49 научници од 10 држави.
Извештајот го покажува неуспехот на владите да ја ограничат основната емисија на штетни гасови, што се смета за главен причинител на глобалното затоплување.
Во 2013 година се очекува зголемување на емисите на штетни гасови за 2,1 процента во однос на 2012 година или вкупно зголемување за 61 процент од 1990 година – граничната година во Протоколот од Кјото, единствениот сега постоен меѓународен документ што има обврзувачки законски барања за ограничување на емисиите на јаглероден диоксид за секоја држава што е негова потписничка.
Извештајот на организацијата „Глобал карбон проџект“ беше објавен во момент кога приближно 200 државни делегации се собрани во полскиот главен град Варшава со задача да постигнат напредок во преговорите за склучување нов пакт за ограничување на емисиите, што се очекува да влезе во сила од 2020 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.