И покрај одбивањето на Албанија да дозволи уништување на одземеното сириско хемиско оружје на своја територија, процесот ќе продолжи, соопшти Стејт департментот пренесе МИА од Вашингтон.
Портпаролката на Стејт департментот Џен Псаки изјави дека САД имаат повеќе опции за надминување на овој проблем, но не сакаше да прецизира дали се работи за други држави што би понудиле своја територија или друг начин на уништување на оружјето.
– Секретарот има повеќе можности за тоа што понатаму. Под тоа ги подразбираме потенцијалите на разни држави, имаме голем број опции и Обединетите нации и Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО) ги разгледуваат овие опции и разговараат за нив. Ние продолжуваме да работиме со ОЗХВ и ОН, со меѓународните партнери за неопходните можности за уништувае на оружјето и сметаме дека има добри шанси да се направи во рамките на поставените рокови – изјави Псаки.
По одбивањето на Албанија, Белгија се сметаше за силен кандидат, но министерот за одбрана Питер де Крем оцени дека пренесувањето на ова оружје надвор од Сирија ќе биде многу тешка задача. Друга опција била и Франција, поради искуството со уништувањето на хемиското оружје останато по Првата светска војна.
Холандија и Германија, исто така, најавиле дека не се подготвени да помогнат. Норвешка единствено понудила да испрати брод и фрегата за пренос на оружјето, но не до нејзиниот брег.
Се претпоставува дека, доколку не биде најден странски партнер, може да се направи обид оружјето да биде уништено и во Сирија, но проблем секако е граѓанската војна во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


