240 граѓански организации од 88 земји во светот го одбележуваат 19 ноември како Светски ден за превенција од насилство врз децата. Оваа година, информираат од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во Македонија, ќе се алармира за влошување на состојбата со насилството врз децата, ќе се поттикнуваат граѓанските организации, државните институции и другите меѓународни чинители да се активираат во изготвување старатегии и програми за превенција од насилство.
Секоја година на овој ден фокусот е на одредна форма на злоупотреба на деца. Годинава главен акцент е ставен на детската проституција, препродавање и детска порнографија.
Кога станува збор за овој вид насилство за сериозноста на овој проблем говорат и статистички податоци: околу 150 милиони девојчиња и 73 милиони момчиња во целиот свет се силувани или се сексуално злоставувани секоја година од страна на некој свој близок или родител/старател.
Според „Меѓаши“, во Република Македонија бројот на случаи на педофилија и родосквернавење е зголемен, но многу од жртвите не ги пријавуваат затоа што извршителите најчесто се нивни блиски роднини или пријатели.
– За нас како Детска амбасада загрижувачки е податокот дека на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 имаме добиено и дојава во која малолетник кој нема наполнето 14 години се јавува како осомничен дека сексуално злоставувало дете кои нема наполнето 5 години. Сексуалната злоупотреба е особено трауматична за детето и остава далекусежни последици врз севкупниот развој. Децата треба да се поучат што можат сами да сторат ако се најдат во опасна ситуација и со кого за тоа може да разговараат. Родителите, старателите, воспитувачите, наставниците, државните институции и секупната јавност, стои во соопштението од Детската амбасада.
Кога станува збор за другите форми на насилство загрижувачки се податоците дека помеѓу 133 и 275 милиони деца годишно се сведоци на семејно насилство.
Во нашата земја, според податоците кои ги добиваме од СОС телефонот за деца и млади 0800 12222, секоја година како најчест вид насилство се јавува токму семејното насилство. Минатата година, според податоците на СОС телефонот за деца и млади од 587 деца потенцијални жртви, 106 деца биле жртви на насилство во семејството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


