| четврток, 6 декември 2018 |

Цариници дефокусирале колеги за да пропуштат камион деклариран како празен

carina

Царинската управа во ноември 2013 година поднесе кривична пријава за несовесно работење против двајца поранешни царински службеници, Р.С. од Гевгелија и Н.С. од Струмица.

Во февруари 2013 година за влез на граничниот премин „Ново Село“ како празно е пријавено товарно моторно возило марка „фолксваген ЛТ28 ТД“ со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин. Во тој момент царинска контрола на патниците, превозните средства и стоката на влез во Република Македонија како водич на смена ја вршел првопријавениот царинскиот службеник Р.С. За да му помогне на првопријавениот во извршување на делото, второпријавениот Н.С. од Струмица, наместо да се придружува до распоредот за работа (распореден бил на вршење контрола на излез од државата), го напуштил работното место и престојувал на влез во државата, односно на местото каде што било извршено делото.

Првопријавениот, предметното возило го пропуштил на територија на Република Македонија и истото го евидентирал како празно и покрај тоа што претходно го прегледал и видел дека во возилото има царинска стока. За цело време, второпријавениот бил во постојан телефонски контакт со сопственикот на моторното возило и преземал активности за одвлекување на вниманието на останатите царински службеници во критичниот момент. Истиот ден, само неколку минути подоцна, во близина на граничниот премин „Ново Село“, истото возило е сопрено од службени лица од Секторот за контрола и истраги при царинска управа и при контролата е утврдено дека во возилото има 334 килограми зеленчук. Возачот на комбито на царинските службеници кои го извршиле дополнителниот преглед им изјавил дека стоката ја набавил во Република Бугарија, а во земјата ја внел преку граничниот премин „Ново Село“ и при тоа не поседувал никаква документација за платени увозни давачки.

Против возачот на комбито во кое е пронајдена стоката поднесена е прекршочна постапка. На царинските службеници во дисциплинска постапка им е изречен отказ и тие не се во работен однос во Царинската управа од јуни 2013 година. Против двајцата царински службеници, кои се униформирани и овластени службени лица, поради неизвршување на царинска контрола врз основа на прописите на Царинската управа, поднесена е кривична пријава во согласност со Кривичниот законик на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top