Градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец–Алексиќ, денеска додели решенија за легализација на бесправно изградени објекти на 40 граѓани од општината.
Во своето обраќање градоначалничката Беличанец-Алексиќ упати апел до сите жители на општината да не го злоупотребуваат процесот на легализација и да градат нелегално во овој вакуум-простор, бидејќи ќе се соочат со општинската градежна инспекција.
– Општинската градежна инспекција е перманентно на терен и секоја нелегална градба која ќе се детектира, а не е подведена под Законот за третман на бесправно изградени објекти, односно нема легална документација за градба, веднаш ќе биде урната. Под тоа се подразбира секоја доградба и надградба на постојните нелегални објекти, но и секоја нова градба која е почната, а е со некомплетна документација и не се гради во согласност со нормативите на Законот за градење – рече Беличанец-Алексиќ.
Таа истакна дека при легализацијата на дивоизградени објекти главна улога имаат граѓаните и Општината и уште еднаш ги повика сите граѓани да ја комплетираат својата документација.
– Крајниот рок за доставување на елаборатот е 18 јуни 2014 година, што подразбира дека граѓаните имаат само уште неколку месеци за да ја докомплетираат документацијата, односно да го достават геодетскиот елаборат – рече Беличанец-Алексиќ.
Таа потсети и на мерките на Владата за финансиско олеснување на процесот на легализација за социјално ранливите категории, на кои им овозможи да плаќаат половина од цената за геодетските елаборати, а укажа и на фактот дека бенефитот од успешно заокружување на процесот на легализација ќе биде заеднички. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а Општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.
– Општина Кисела Вода веќе почна со носење на неколку клучни урбанистички планови, кои се во согласност со новиот ГУП на Град Скопје, а се во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Со новите детални урбанистички планови, на граѓаните и бизнис-заедницата им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постојните, но само во законски пропишаните процедури – потенцира Беличанец-Алексиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Тарчуловски: Расадник и Драчево ќе добијат нови градинки
-
Проекти за потребите на родителите: Нови градинки за Расадник и Драчево, продолжен престој во училиштата
-
Билјана Беличанец – Алексиќ нема да се кандидира повторно за градоначачник на Кисела Вода
-
Луд предлог на руски политичар пред СП 2018, да се легализира хулиганизмот!