| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓоковиќ остана во гаража, Чешка ја одбрани титулата во Дејвис купот

Новак Ѓоковиќ не успеа сам да ѝ донесе титула на Србија во Дејвис-купот иако ги победи и двајцата противници, Радек Штепанек и Томаш Бердих, па Чешка со триумф од 3-2 во Белград го одбрани трофејот.

Одлуката на селекторот на Србија да го изостави Ѓоковиќ од дуелот во двојки се чини беше клучен за исходот на финалето. Бердих и Штепанек како тандем беа подобри од дуото Зимоњиќ и Бозољац, славеа со 3-0, што беше пресудно за триумф на Чешка. Чесите и поединечно го победија вториот рекет на Србија Душан Лајовиќ, и први стигнаа до потребните три поени и ново славје во купот.

– Србите го оставија ферарито во гаража – изјави Штепанек по победата во двојки, со алузија на неиграњето на Ѓоковиќ.

По конечниот триумф Новак не се појави на заедничката свечена вечера, што го поттикна Бердих да искоментира на „Твитер“.

– Каде е Новак, да не остана во гаража – се пошегува Бердих. Нешто подоцна тој го избриша напишаното, со дополнување дека „му било жал што неговиот пријател Ѓоковиќ не дошол на вечерата“.

За Чесите титулата е втора во купот откако играат како независна држава, а Србија има еден трофеј, тој од 2010 година кога во Белград ја победија Франција со 3-2.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top