
Новиот проект на Министерството за здравство „Домашна визита“ почнува од денеска. Проектот се состои од превентивни здравствени прегледи на повеќе од девет илјади стари лица во нивните домови, за што се ангажирани 340 патронажни сестри, кои работат во здравствените домови.
Проектот, како што информира на прес-конференција министерот за здравство, Никола Тодоров, ќе се одвива низ цела Македонија, во 652 населени места распределени во 84 општини.
– Ова е моќна јавно-здравствена мерка, препорачана од Светската здравствена организација, која во ист миг ќе овозможи грижа и превенција за пациентите – нагласи Тодоров.
Појасни дека сестрите секојдневно, во точно утврден термин, ќе имаат обврска за посета на стари, изнемоштени лица, лица со хронични болести, кои се избрани според дијагнозите евидентирани во националниот електронски систем „Мој термин“. Акцент ќе биде ставен на лица со кардиоваскуларни заболувања, хронични респираторни заболувања, дијабетес и други хронични заболувања. Патронажните сестри во домовите, како што рече, ќе вршат определени прегледи, мерење крвен притисок, шеќер во крвта, хемоглобин, холестерол, а во определени случаи и ЕКГ-прегледи.
Секој патронажен тим ќе има дневен распоред, со име и презиме на пациентот, адреса, телефон за контакт, дијагноза и основни податоци од неговата медицинска историја. За секоја посета е предвиден посебен евидентен лист.
Предвидено е посетите да се извршат за 1,5 до 2 месеца, а во некои региони и побрзо. Приближно една посета ќе трае околу еден и пол час и тимовите ќе имаат обврска да посетуваат секојдневно од четири до пет дома.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


