
Две и пол години по разорниот земјотрес и цунамито што ја погодија Јапонија, земјата се соочува со нов предизвик, кој е директна последица на таа катастрофа. Овој пат, иако светот не е сѐ уште свесен за тоа, последиците можат да бидат неколкукратно поголеми и освен на островот, може да се почувствуваат и на целата планета.
За да се избегне неизбежна еколошка катастрофа со огромни последици, во втората половина на месецов е предвидено да почне една од најголемите и најсериозни операции во историјата на човештвото, отстранување на 1.500 уранимски и плутониумски прачки, од кои 200 се комплетно нови, од реакторот „четири“ во нуклеарната централа „Фукушима“. Иако во моментот на катастрофалниот земјотрес во 2011 година реакторот не беше во функција, силна експлозија што била предизвикана од истечен хидроген од реакторот „три“ го уништила покривот на објектот со што внатрешноста била изложена на природни непогоди.

Ризичната операција е неопходна за да може да се изврши процесот на деконтаминација, кој е предвиден да трае со децении. Акцијата ќе ја раководи „Токио електрик пауер“ (ТЕПКО), компанијата што оперира со централата, а товарот ќе го понесат само 36 нејзини инженери, чијашто задача ќе биде да ги пренесат прачките на безбедно место. Ќе работат во групи од по шестмина во двочасовни смени. Целиот проект е замислен да трае со месеци. Во операцијата ќе учествува уште еден тим, кој ќе има задача да го обезбедува базенот со радиоактивната течност и да спречи можно оштетување при подигнувањето на прачките со кранот. Ваква високоризична операција досега никогаш не била изведена, а предупредувањата се дека и најмала грешка може да предизвика несогледливи последици, кои би се почувствувале не само во Јапонија туку и на голем дел од планетата.
Обидот да се отстранат радиоактивните прачки носи голем ризик затоа што се сместени во предниот дел на централата, кој беше сериозно оштетен од серијата експлозии и од топењето на трите реактори по катастрофата од пред две и пол години.

За цело време при транспортот прачките мораат да останат во вода за да се спречи гама-радијацијата и нивно прегревање. Инженерите при операцијата ќе користат кранови што ќе ги управуваат со далечински управувачи, а со кои ќе се подигнуваат прачките од базенот и ќе се ставаат во џиновски буриња со вода. Секое буре ќе биде сместено во приколка, која потоа ќе биде транспортирана до побезбеден базен.
Ако не се работи максимално прецизно може да дојде до експлозија од која, според некои стручњаци и според најлошото сценарио, ќе се рашират радиоактивни материи низ планетата. Иако можноста за работите да тргнат наопаку е многу голема, раководството на ТЕПКО решило да се нафати да го направи тоа, откако утврдило дека е уште поопасно да не се преземе ништо. Колку е реален ризикот и какви ќе бидат последиците ако не се префрлат радиоактивните прачки објаснува специјалистот за нуклеарен отпад Кевин Кампс.
– Операцијата е ризична затоа што прачките може да бидат свиткани, оштетени или, пак, кородирани. За нивно ладење се користи солена вода, која може да предизвика корозија на прачките. Прачките, пак, може да се скршат во моментот кога ќе се пренесуваат. Затоа на сите им е јасно дека не треба да се брза со процесот на преместување, односно не треба со сила да се вадат од каналите каде што се складирани. Сепак, мора да се тргнат оттаму пред да се урне објектот од некој посилен земјотрес. Ако се запали радиоактивниот отпад, пак, оваа катастрофа би била десетпати поголема од таа во Чернобил – објаснува Кампс.

Дека ситуацијата во „Фукушима“ е многу сериозна потврдува и истакнатиот канадски научник со јапонско потекло Давид Сузуки, кој истовремено ја обвинува јапонската влада дека ја крие вистината во врска со состојбата во која се наоѓа централата.
– „Фукушима“ е во многу поужасна ситуација отколку што можеме да замислиме. Ако четвртиот реактор биде погоден од земјотрес, а прачките бидат изложени, тогаш тоа ќе значи „збогум Јапонија“, а сите од западниот брег на Северна Америка ќе треба да бидат евакуирани. Ако тоа не е застрашувачко, тогаш не знам што е – вели Сузуки согласувајќи се со предупредувањата дека опасноста од нов силен земјотрес е реална.
Освен од ризикот што го носи самата операција, стручњаците истовремено се плашат и за способноста на компанијата беспрекорно да ја спроведе акцијата, со оглед на низата грешки што ги направи во минатото, меѓу кои и неземањето предвид дека голем дел од подземните води ќе бидат контаминирани, а кои на крајот завршуваат во океанот. Токму поради ова компанијата доби предупредување дека ќе ја загуби надлежноста за префрлувањето на радиоактивните прачки при најмал проблем во изведувањето на операцијата.
Од компанијата ја смируваат напнатоста тврдејќи дека се преземени дополнителни мерки за внимателност. Местото било подготвувано со месеци за оваа акција, поставена е челична структура над оштетениот реактор и кран што ќе ги подигнува радиоактивните прачки 30 метри во височина. Поставени се и подводни камери, кои ќе им помагаат на инженерите за да ги лоцираат остатоците од претходните експлозии, кои можат да ги разнесат прачките, како и роботски раце, кои ќе се користат во обид да се отстранат остатоци што ќе се најдат на патот. Кранот е дизајниран да ги зачува командите и во случај да остане без напојување во текот на работата, а се поставени двојно повеќе кабли, кои ќе можат да подигнат товар од 90 тони.
Тоа што најмногу ги плаши планерите на операцијата е во моментот на транспортот да не се случи земјотрес или цунами. А такво нешто е многу реално да се очекува. Од 2011 година до денес островот го погодија многубројни потреси. Минатиот месец земјотрес со јачина од 7,1 степен по Рихтер го погоди јапонскиот брег во близина на „Фукушима“ и предизвика мало цунами. Земјотреси со ваков интензитет се многу чести во ова тресно подрачје. Инженерите што го подготвувале планот го земале предвид овој факт, па така конструирале кран што ќе може да издржи потрес со интензитет од девет степени по Рихтер. Бидејќи не може да се предвиди кога и со колкав интензитет ќе се случи земјотрес, останува на Божјата волја дали во текот на префрлувањето на радоактивните прачки ќе се случи вистинска апокалипса или коцкањето со судбината на човештвото ќе се исплати.
(Текстот е објавен во 63 број на неделникот Република кој е во продажба)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Јапонците дури сега го пронашле осиромашениот ураниум од Фукушима (видео)
-
Вонредна состојба поради „Фукушима“: Протекува нуклеарно гориво, радијацијата предизвикува моментална смрт
-
Трошоците за расчистување на Фукушима зголемени на 190 милијарди долари
-
Нова туристичка понуда во Јапонија: Екскурзија во Фукушима


